Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за Бугарија доби поддршка од СДСМ и помалите партии
Откако иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за усвојување резолуција во Собранието околу преговорите со Бугарија прво беше пречекана со критики од СДСМ денеска владејачката партија објави дека ќе го поддржат документот кој го прифатија и помалите партии ДОМ, ЛДП и ДС.
Ова го соопшти пратеникот и портпарол на СДСМ Костадин Костадинов.
„Позициите на СДСМ во однос на македонскиот јазик и идентитет се кристално јасни и многу пати досега потврдувани и кажани во јавноста. Македонските идентитетски линии им се јасни на сите и на нашиот народ и на целата меѓународна јавност. Доколку Христијан Мицковски и ВМРО-ДПМНЕ не се сигурни во тоа, ако им треба потврда и во парламентот, ние како конструктивно парламентарно мнозинство без никаков проблем може да направиме и таков чекор и ќе ја прифатиме резолуцијата таква каква што е каква што всушност и видовме од медиумите. Затоа што официјален предлог до нас како пратеници нема“, изјави Костадинов на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање.
Тој додаде дека ВМРО–ДПМНЕ треба официјално до секој пратеник да ја испрати резолуцијата.
Според него, „избиваат на површина буквално сите лаги што ги пласираа ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски во однос на национално предавство, во однос на загрозувањето на нашиот македонски јазик и идентитет. Со тоа уште еднаш испраќаме силна порака дека апсолутно македонскиот идентитет и јазик се затворена тема и треба да им биде јасно на сите“.
Во партиското соопштение на Демократски сојуз велат дека целта е да се упати јасна порака и до Европската унија, но и до соседните држави дека никој нема право да го оспорува нашиот македонски национален идентитет, неговиот историски континуитет, како и јазикот.
„Демократскиот сојуз инсистира на консензус при носење на резолуција или декларација на Собранието. За овие прашања потребен е и граѓански и политички консензус, а не тие да бидат причина за внатрешни поделби и собирање на дневно-политички поени“, се вели во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ објаснија дека резолуцијата ги дефинира македонските државни позиции за евроинтеграции, но исто така и позициите по однос на какви било негирања на македонскиот јазичен, културен или национален идентитет, бидејќи тоа е спротивно на европските вредности. Во резолуцијата се вели дека Собранието ја обврзува Владата да работи во надворешната политика и евроинтеграциите според позициите утврдени во тој документ.