Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ поддржана од СДСМ, ДОМ, ЛДП и ДС, албанскиот блок воздржан
Откако деновиве резолуцијата што ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ беше поддржана од СДСМ, ДОМ, ЛДП и ДС, се произнесоа и партиите од албанскиот блок. ДУИ бара усогласување на текстот меѓу сите парламентарни партии, додека АА и Алтернатива очекуваат дебата во Собранието.
Но, и владејачката ДУИ и опозициската коалиција Алијанса за Албанците (АА) и Алтернатива укажаа дека треба да се внимава, резолуцијата да не му наштети на евроинтеграцискиот пат на државата.
За АА и Алтернатива е проблем тоа што ДУИ и СДСМ немаат заеднички став околу резолуцијата.
-Има еден проблем. Имавме изјава на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека оваа резолуција и штети на меѓународните тенденции на земјата, но исто така имавме и изјава на пратеникот од СДСМ Костадинов дека оваа резолуција е добра. Логично би било партиите на власта да имаат заеднички став, рече Халил Снопче од коалицијата АА и Алтернатива.
Тој порача Владата да биде внимателна.
– За нас е важно Македонија да продолжи со интегративните процеси, Владата и општеството севкупно да продолжат со залагањата за интеграција во ЕУ, тоа е главна цел. Владата да биде внимателна и во разговорите и во реформите. За нас се многу битни добрите односи во регионот, па следствено и со Бугарија, изјави Снопче.
Според координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбр Адеми, потребно е усогласување на резолуцијата меѓу сите парламентарни партии како гаранција дека текстот нема да му наштетува на чекорењето на државата кон ЕУ. Тој смета дека не треба да се прави ништо што ќе биде спротивно на ЕУ интеграцијата.
-ДУИ смета дека јазичниот, историскиот и културниот идентитет не е прашање за дискусија и не е прашање за политичко договарање. Следствено, цениме дека е потребно усогласување на текстот на резолуцијата меѓу сите парламентарни партии и да се осигураме дека тоа не му наштетува на нашето чекорење кон ЕУ, рече вчера Адеми по средбата со пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Вицепремиерот за борба против корупцијата и генерален секретар на СДСМ, Љупчо Николовски од Берово порача дека неговата партија ќе даде поддршка на секоја резолуција или декларација со која се штити македонскиот јазик и идентитет. Но, Николовски потсети и дека оваа генерација по три децении зборување и ветување на евроатлантските интеграции, го направи вистинскиот чекор – земјата ја внесе во НАТО со зачуван идентитет, јазик и се што е македонско. Нашето знаме, додаде Николовски, се вее во Брисел, а премиерот седеше со своите колеги и со претседатели на една маса на која и ние имаме глас.
– Станува јасно дека сите ние го штитиме и јазикот и идентитетот и се што е македонско. Не е воопшто прашање и нема воопшто потреба да се стави под прашање каква било резолуција. Ние ќе дадеме поддршка на резолуцијата. Веруваме дека сите постапки ќе завршат во Парламентот и со тоа потврдуваме дека ниту јазикот, ниту посебностите, ниту идентитетот некој ги ставил на маса или преговарал во целиот овој период. Големи светски државници пред неколку дена во Охрид пратија порака и констатираа дека нашата земја ги има исполнето сите услови за сето она што треба да го направиме и дека Европската Унија треба да го реши проблемот внатрешно за овие кочници кои ги имаме. Меѓутоа, во ниту еден случај тоа нема да биде во однос на прашањето на јазикот и идентитетот и на сето она кое е македонско и кое е потврдено, изјави Николовски.
ВМРО-ДПМНЕ изрази надеж дека СДСМ ќе остане доследна на кажаното и ќе ја поддржи резолуцијата, без низ собраниски процедури да се обидува да ја кочи и опструира. Потсети и дека во неа се содржани црвените линии со кои се штити идентитетот.
– ВМРО-ДПМНЕ продолжува да обединува и да ја води Македонија во насока на национално единство и просперитет. Резолуцијата која ја предложивме, а е плод на заедничките ставови на МАНУ, УКИМ и МПЦ – ОА ќе ги заштити националните црвени линии, околу кои не смее да има компромиси. Оваа Резолуција го отсликува ставот на народот. Време е Македонија да престане со лошата пазарџиска дипломатија. Време е за стабилност во надворешната политика. Време е за Македонија за сите луѓе, наведе ВМРО-ДПМНЕ во партиско соопштение.
Резолуцијата е се уште во драфт верзија, а ВМРО-ДПМНЕ изминатите денови лобираше кај парламентарните партии да биде прифатена.