Режисерот Пиперкоски за „Дедо и внук“ доби признание за придонес во светот на филмот

Режисерот Илија Пиперкоски доби две признанија за извонреден придонес во светот на филмот за неговиот најнов филм „Дедо и внук“. Признанијата ги доби на 4-th Dimension Independent Film Festival и на TIFF -Tagore International Film Festival во категоријата за најдобри наративни играни филмови.

– Наградата доаѓа во време кога со премиерата на Меѓународниот филмски фестивал „Прифест“ 2020 во Приштина, и официјално започна светската промоција на првиот долгометражен филм на режисерот и сценарист Пиперкоски. По втор пат, наградата за најдобар директор на фотографија – кинематографер ја доби Патру Паунеску, токму за филмот „Дедо и внук“ на европските награди за кинематографија, соопштија денеска од продукциската куќа „Pandora’s Box“.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Салаетин Билал, Дејан Лилиќ, Даниела Ивановска, Благој Веселинов, Горан Стојаноски и други.

Филмот ја раскажува приказната по смртта на еден млад пациент, кога младиот доктор Никола се обидува да направи ред во својот живот и оди на посета кај неговиот дедо кај кого не бил 10 години. Ова е филм за конфликт на генерации, со контраст на морални вредности и моменти за втора шанса.

Зад продукцијата на филмот стои „Pandora’s Box“, продукција од Охрид во соработка со „Dream Factory“ од Скопје и „Alien Film“ од Романија.