Режисерот Никита Михалков пуштен од болница


Никита Михалков

Русија– Рускиот режисер Никита Михалков денеска соопшти дека е отпуштен од болница, но дека сепак ќе му треба време за рехабилитација. Тој на својот канал Телеграм рече дека неговото закрепнување се должи на огромната работа на лекарите и на сите што биле во негова близина и нивните молитви.

Михалков беше хоспитализиран на 5 јануари поради грип, а на 10 јануари рече дека останува во болница на дополнителни испитувања и лекување, пренесе РИА Новости. Лекарите му дијагностицирале идиопатска пневмонија која се проширила, додека тестовите за коронавирус и грип биле негативни. Неговите хронични проблеми со срцето, исто така, се влошија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски овој месец потпиша указ за воведување санкции против рускиот филмски режисер и оскаровец Михалков и 118 други истакнати руски уметници, како и неколку украински државјани.

Санкциите вклучуваат блокирање на банкарски сметки, суспензија на економски и финансиски обврски, суспензија на културна размена и соработка, забрана за влез во Украина, конфискација на украинските државни награди и друго. Овие ограничувања ќе важат 10 години, јави ТАСС.