Режисерот Фатих Акин доаѓа на „Браќа Манаки“ во Битола

Режисерот Фатих Акин ќе биде специјален гостин на годинешното фестивалското издание на „Браќа Манаки“, што ќе се одржи во Битола од 14 до 21 септември.

Акин е добитник на награди како „Златна мечка“ во Берлин (2004) и „Златен глобус“ за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје (2017), а неговите филмови се исклучително познати и омилени кај македонската публика. Покрај него, на фестивалот ќе гостува и кинематограферот Рајнер Клаусман.

Селекторите на фестивалските програми денеска на прес-конференција информираа за насловите кои годинава ќе има можност да ги види публиката во Битола, меѓу кои се кинескиот филм „Езерото на дивите гуски“, „Невидливиот живот на Еуридисе Гузмао“, израелскиот филм „Синоними“.

Организаторите најавија  дека композиторот Љупчо Константинов е годинашен добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ што ја доделува ДФРМ.

Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, соопшти дека општината го поддржала фестивалот во делот на организација со 400 илјади денари, а во делот на сместувачки капацитети за гостите во висина од околу 2 и пол милиони денари. Таа рече дека годинава Општина Битола успеала да обезбеди средства од 8 милиони и 600 илјади денари од Министерството за култура за ентериерно уредување на киното „Манаки“ што било започнато во 2013 година.

Ана Василевска, селекторка на изборот на македонските филмови, соопшти дека од годинава на фестивалот „Браќа Манаки“ се воведува награда од публиката за најдобриот македонски филм. А програмата „Макпоинт“ ќе понуди 14 најнови краткометражни, документарни и анимирани филмови, за кои годинава фестивалската публика првпат ќе биде искрен оценувач на творечката работа, актерската игра, камерата, музиката, односно ќе може да се изјасни за својот комплетен филмски фаворит. Последниот филм на неодамна починатиот Стефан Сидовски – Сидо, „Последното кафе“ премиерно ќе биде прикажан во рамки на оваа фестивалска програма.