Револт на сточарите поради намалените субвенции

За сточарите е неприфатлива пресметката на министерот Трипуновски дека една крава дава 6.000 литри млеко на годишно ниво


Министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, се сретна со сточарите

 

БИТОЛА – Револтирани се пелагониските сточари, одгледувачи на говеда, по информацијата дека во новата програма за субвенционирање се намалени средствата за производителите во 2025 година – од 12.000 денари на 8.000 денари по грло крава. Министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, денеска беше во Битола на средба со сточарите за лично да им каже дека дезинформации се вестите за намалените субвенции и им правеше математика за споредба со лани.

„Млекото е суровина чија цена е закочена, литар млеко млекарниците ни го плаќаат по 30 до 31 денар, на помалите сточари и помалку. Големите сточарски фарми земаат нешто плус, можеби до 35 денари за литар, но и тоа не е доволно да се прехрани стоката кога знаеме колкава е цената на сточната храна“, вели сточарот Гоце Кантаровски од Могила, кој одгледува над 100 крави.

Кантаровски изјави дека пресметката на министерот Трипуновски – дека една крава дава 6.000 литри млеко на годишно ниво и дека вкупната субвенција би била 44.000 денари по крава – е неприфатлива.

„Ако е така, тогаш сточарите треба да имаат по 1 хектар земја за да прехранат една крава годишно, оти кравата без храна не дава млеко. Ретки се фармерите што вадат по 6 тони млеко годишно од крава, оттука заклучок е дека субвенциите ни се намалени“, рече тој.

Кире Чагоровски, сточар од Пелагонија вели, дека сточната храна не само што е скапа туку и ја нема, па математиката на министерот ќе биде прифатлива ако сточарите имаат поголеми површини на располагање на државна земјоделска земја и ако поевтинат суровините за сточна храна, за што не се оптимисти.

„Државата треба да отстапи земја на сточарите за да ја хранат стоката. Ако е евтина пченката, сојата, ќуспето, можи ќе стигнеме до 6.000 литри годишно, ама вака како што е реално ситуацијата на терен, со овие високи цени на суровините, ние произведуваме од 3 до 4 тони млеко на годишно ниво по крава“, вели Чагоровски.

Тони Петковски, сточар од Велушина реагираше дека не се доволни субвенциите за задржано женско теле од 3.000 денари по грло.

„Јуницата за да порасне ќе испие 200 евра млеко, а вие давате 50 евра субвенција, без разлика што лани беше исклучена оваа субвенција, овие пари се ништо, не ни ги покрива трошоците“, реагираше сточарот.

Министерот Трипуновски вели дека владата гради стратегија за поддршка на млекопроизводството и дека денеска дојде во Пелагонија лично пред сточарите да ги демантира информациите за намалени субвенции. Напротив вели дека субвенцијата за литар предадено млеко е зголемена за 1 денар, а од годинава ќе се дава субвенција и за оставено женско теле.

„Убаво е за уво да се чуе дека субвенцијата била по 12.000 денари за грло крава, но ние во нашата програма го донесовме следното: поддршката за грло крупна стока изнесува 8.000 денари, а поддршката за предадено литар млеко од ланските 5 денари се зголемува на 6 денари. И каде е сега математиката дека овие субвенции се поголеми од лани – ако земеме просек од 5.000 литри млеко по крава во лактација, по 6 денари по литар е 30.000 денари плус 8.000 денари по грло тоа се 38.000 денари. Лани ако 5.000 литри ги помножевте со 5 денари и плус 12.000 денари по грло тоа се 37.000 денари по грло. По оваа математика значи нема намалување, туку зголемување на субвенциите“, им рече министерот на сточарите и им предочи дека ако секој фармер работи на добра исхрана на стоката и на генетскиот потенцијал, лактацијата ќе биде поголема.   

Сточарите од Пелагонија бараат земја, за да можат да произведуваат сами сточна храна, па позитивно ја прифатија веста дека  ЗК „Пелагонија“ Битола е во фаза на склучување договор со МЗШВ каде што се ослободуваат околу 1.600 хектари државно земјоделско земјиште кое ќе се стави на располагање на сточарите од Пелагонија.