Ревијата на „Викторијас сикрет“ нема да се гледа на ТВ


САД – Времето за промени дојде и во стратегијата на американската компанија за долна облека „Викторијас сикрет“, која размислува за опција за нивното годишно ТВ-шоу, познато како најскапата модна ревија на светот со најскапите манекенки, да не се емитува повеќе.

„Модата е бизнис на промени. Мораме да се развиеме и да се промениме за да растеме. Имајќи го тоа на ум, решивме да ја разгледаме промената во шоуто на ‘Викторијас сикрет’“, велат од компанијата.

Според извршниот директор, телевизијата не е вистинското место за „Викторијас сикрет“. Во соопштението се наведува дека во 2019 од брендот ќе се фокусираат на создавање на возбудлива и динамична содржина и нов вид настан кој ќе биде достапен за корисниците преку различни платформи, изјави извршниот директор на „Л брендс“, кој е сопственик на брендот на долна облека.

Големиот проблем? Во дигиталната ера во која живееме, сè се случува во моментот. Така, шоуата слични на „Викторијас сикрет“ доведоа до губење интерес и многу неочекувани резултати како минатогодишниот рекордно низок преглед. Причината за ова е фактот дека во 2018 година шоуто се одржа на 8 ноември и беше емитувано дури на 2 декември. Во меѓувреме, гледачите веќе ги виделе учесниците на шоуто и деловите на производите презентирани преку социјалните мрежи.

„Викторијас сикрет“своето деби со шоуто го направи во 2001 година поставувајќи го како една од најубавите ревии, од кои непроменливи делови беа и актуелните музички ѕвезди.