Ревија „Мејд ин Маседониа: Модни брендови“ во Музејот на македонската борба


„Мејд ин Маседониа: Модни брендови“ е насловена модната ревија што ќе се одржи вечерва, во 19 часот, во Музејот на македонската борба во Скопје.

Настанот го организираат македонскиот велком центар „Добредојде“ и амбасадата на Велика Британија во Македонија.

“Добредојде” Macedonia Welcome Centre (DMWC) која веќе 10 години работи на полето на културна дипломатија во рамките на својата програма за промовирање на македонската традиција и култура оваа година, а сега веќе традиционално по трет пат, организира модна ревија чија основна интенција е промоција на македонскиот моден потенцијал.

По првата со наслов „Made in Macedonia: Современ дизајн накитен со минатото” и втората под име “Made in Macedonia: Почетоци и Еволуција”, каде се промовираа македонските етаблирани дизајнерски имиња,  овогодинешната тема е артикулацијата на македонските  реномирани модни куќи  како своевиден омаж на современата домашна текстилна индустрија. Целовечерната гала модна ревија се предвидува да биде колаж од најпознатите македонски модни брендови кои би се претставиле со по 5 аутфити од актуелните колекции.

Во склоп на овој настан ќе бидат поканети 300 гости како домашни така и странски преставници од меѓународната заедница  кои престојуваат и живеат во Македонија.

Ова е настан подржан од Министерство за култура , а оваа година модното шоу ќе биде отворено од Н.Е. г-ѓа Рејчел Галовеј, Британски Амбасадор во Македонија.