Ретроспективна изложба на Жарко Јакимовски во Музејот на Град Скопје


Во Музејот на Град Скопје вечерва ќе биде отворена ретроспективна изложба на македонскиот сликар Жарко Јакимовски. Ова е прво вакво ретроспективно претставување на творештвото на Јакимовски со ваков карактер, при што ќе бидат презентирани дела од сите главни фази во неговото сликарско и цртачко творештво.

Жарко Јакимовски (1948) е доајен на македонската ликовна уметност, активен на полето на ликовната уметност речиси 50 години. Добитник е на бројни награди и признанија, меѓу кои Награда за цртеж „Климент Охридски“, Награда за сликарство „Лазар Личеноски“, Награда за сликарство „Нерешки мајстори“ и Гран при на ДЛУМ на Четвртиот зимски салон.

Јакимовски студирал на Академијата за ликовни уметности во Љубљана (1970-1974), кај професорите Габриел Стубица, Јанез Берник и др., односно кај врвни мајстори од познатата традиција на љубљанската школа, од кои секако можел да ги прими сликарските вештини, пред сѐ цртежот како дисциплина, што понатаму е евидентно во неговото творештво. Индиректно, особено низ студиски престои во Холандија, Франција, Германија…, го „образувале“ големите мајстори на светската историја на уметноста, но и неисцрпната македонска ликовна традиција – средновековното фрескосликарство и иконопис. Во целото негово творештво можат да се видат назнаки за влијанија од тие европски искуства и секојдневни анализи на големите ремек-дела, но и на македонското традиционално, иконографско искуство во коешто уметникот наоѓа една извонредна врска – сликарството од Курбиново и фреските на Михаил и Евтихиј.