Ретроспективна изложба на дела од Костадин Танчев-Динка: Живеам за уметноста


Околу 90 дела ќе бидат изложени на ретроспективната изложба на познатиот графичар Костадин Танчев-Динка. Во неговиот богат творечки опус се содржат дела од областа на графичката уметност, сликарството и графичкиот дизајн. Изложбата ќе биде отворена вечерва во просториите на Даут Пашин Амам во 20:30 часот, а кустоси на изложбата се Маја Неделкоска-Брзанова, Маја Чанкуловска-Михајлоска и Горанчо Ѓорѓиевски.
Во рамките на ова ретроспективно чествување на неговите дела посетителите ќе можат да погледнат и од неговото последно творештво – интегрална графика „Време – Игри“ (2017/2018).
Динка важи за уметник кој има одиграно значајна улога во македонската современа ликовна сцена.
– Јас не би можел да го кажам тоа за себе. Но целиот свој живот имам чувство дека живеам за уметноста, а не од неа – вели Динка.
Во текот на својот повеќедецениски плоден творечки век, тој остави значаен белег како ликовен автор и како ликовен дизајнер. На полето на применетата графика се смета за водечки во Македонија, иноватор во дизајн, бележит сценограф, врвен изработувач на плакати и дизајнер на публикации. Остави свој белег и преку своите графички и сликарски дела. Изложбата има за цел да направи пресек на неговото целокупно творештво и да го потврди неговото место во развојот на македонската современа ликовна уметност. На прашањето како го коментира развојот на графичкиот дизајн кај нас во споредба со светските трендови, тој вели дека бележиме подем.

– Нашиот период беше тежок период. Технологијата беше поназадна, но и во тој минималистички однос на некој начин се правеа креации. Сега, со напреднатата технологија, мислам дека и македонските графички дизајнери се во тек на светските трендови. Имаме млади генерации кои се извонредни мајстори и, според мене, сметам дека графичкиот дизајн кај нас е во подем – вели Динка.
Неодамна беше промовирана и монографијата со наслов „Костадин Танчев-Динка – Од слика и графика до нови медиуми“ во која се содржани вонвременски уметнички дела.
Професорот Кирил Темков, зборувајќи за монографијата, рече дека елементите на сликарската вештина кај Динка се првокласни – цртежот, бојата, структурата, атмосферата, нијансите, драматиката, соодносите меѓу компонентите.
– Неговата особеност е во афирмацијата на предметната определеност во вонпредметната ликовност. Од неговите дела проговараат јасноста и јасновидоста. Кога ги гледаме неговите слики – ние ги посетуваме неговите предели, ги посакуваме неговите предмети, ги споделуваме неговите трепети или радости, мислиме слично со него и заедно проживуваме еден дел од животот – рече проф. Темков.
Изложбената ретроспективно монографска поставка е пресек на целокупното творештво на Костадин Танчев-Динка актуелизирајќи одредени појави и тенденции од историски, проблемски, тематски, стилски, но и тековни толкувања на модерната и на современата светска и македонска ликовна уметност.
На свеченото отворање на изложбата свое обраќање ќе имаат м-р Роберт Алаѓозовски, национален координатор за развој на култура и меѓуресорска соработка при Владата, д-р Дита Старова-Ќерими, директор на Национална галерија и Владимир Боројевиќ, ликовен уметник и дизајнер.
Изложбата ќе биде отворена за посетители до 24 мај 2019 година.
Тој е роден 1940 во Валандово. Дипломирал на Академијата за применета уметност во Белград, 1967. Работел во областа на филмот, филмската анимација, театарска сценографија, графички дизајн, плакати, сликарство. Бил професор на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Имал многубројни самостојни изложби во Лондон, Цирих, Анкара, Скопје и Валандово, групни претставувања во Париз, Нирнберг, Австралија, САД, Загреб, Белград, Нови Сад, Љубљана, Блед, Скопје. Добил над повеќе од 40 домашни и меѓународни признанија.

Ивана Настеска