Ретроспективна изложба на дела од АРТ ПОИНТ – ГУМНО од с. Слоештица во МКЦ

Од 2003 до денес, на креативното гумно во селото Слоештица, визионерска рожба на семејството Андреевски, продефилираа над 80 врвни уметници од целиот свет


Е-плакат за изложбата дизајниран од македонската уметница Јасмина Главинче

Големата ретроспективна изложба на дела од постојаната колекција на АРТ ПОИНТ – ГУМНО од с. Слоештица, Демир Хисар, што летово беше поставена во преубавиот Офицерски дом во Битола, доаѓа и во Скопје.

Од 22 ноември до 2 декември, скопјани ќе можат да се запознаат со дел од извонредното уметничко богатство на меѓународниот центар за уметност и одржлив развој од с. Слоештица – 65 слики, скулптури и фотографии на уметници, претставници од неколку континенти од 20 земји од светот.

La femme du Carthage_Najet Gherissi_Tunisia

Оваа поставка ќе биде завршен, од низата настани со коишто годинава, центарот го чествувше 20-годишното постоење. АРТ ПОИНТ – ГУМНО е визионерска рожба на семејството Андреевски. Од 2003 до денес, на креативното гумно во селото Слоештица, продефилираа, ни помалку, ни повеќе – 80 врвни уметници од целиот свет.

Организаторите изјавуваат дека „не случајно, завршниот настан по повод 20-годишниот јубилеј ќе се случи токму во Младинскиот културен центар, МКЦ – Скопје. Имено, една од заложбите на АРТ ПОИНТ – ГУМНО е да ги поддржи токму младите, талентирани творци, оние што се наоѓаат  на почетоците од нивните кариери. Така, на изложбата, меѓу другите, ќе бидат изложени и дела од 20-тина млади уметници, некои од нив, денес се веќе етаблирани автори.“

Свеченото отворање на изложбата во МКЦ ќе се случи во среда, 22 ноември, во 20 часот. За активностите на уметничкото гумно ќе говори младата македонска писателка, уредник и преведувач – Јулијана Величковска, којашто вели дека секоја посета на ова единствено гумно ја доживува како празник.

Проектот е делумно поддржан од македонското Министерство за култура, а оваа изложба се реализира во соработка со МКЦ- Скопје.