Ретро трафиките се враќаат во дворот на салата „Партизан“


Анкетата за избор на идеен проект за обнова на спортската сала „Наум Наумовски – Борче“ позната како „Партизан“ заврши, а победник е  проектот подготвен од архитектите Томас Ромеро Тали, Метју Сатори и Хавиер Ромеро. Ова идејно решение доби 878 гласа, од над 1300 граѓани кои гласаа на веб страната на Оптината Карпош. Идејниот проект кој беше подготвен од Ивона Крстеска, Марија Гелмановска, Ана Грковска и Александар Кочовски доби 444 граѓани. Двата идејни проекти беа подготвени на волонтерска основа од Меѓународната невладина организација „Културно ехо“.

Победничкиот проект, покрај обнова на спортскиот објект и зеленилото околу него ги враќа и ретро трафиките, кои треба да се вклопат во амбиентот, како дел од уличниот базар. Во дворот на салата, според решението, ќе има и амфитеатар, детско игралиште и спортски терен за пинг-понг и кошарка на отворено. Во приземјето ќе се обноват двете сали со површина од над 800 квадратни метри, а ќе има и канцеларии и соблекувални. На катот и ова решение предвидува ресторан со тераса од 200 квадратни метри, како и простор за изложби. Во подрумот ќе се смести салата за стрелаштво, магацини, сали за состаници и други помошни простории.

Градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев вели дека во текот на следните месеци ќе се изработи и главниот проект и ќе биде подготвено и одобрението за градба. Ќе мора да се направи и елеборат за статиката на објектот, бидејќи долго време не беше одржуван.

„Веќе ни се обратија општествено одговорни компании кои сакаат да се вклучат во иницијативата и без надомест да направат главен проект. Очекуваме до крајот на годината да заврши и тендерот за реконструкција и да започнат градежните работи. Многу не радува тоа што одзивот на граѓаните на јавната анкета е голем, бидејќи навистина сакаме да учествуваат во донесувањето на одлуките во Карпош“, вели Богоев.

„Партизан“ не се користи и пропаѓа повеќе од 10 години. Салата е изградена непосредно по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, како донација од Франција. Проектот е на архитектот Трајко Димитров, кој и сега е дел од тимот на иницијативата. Според првичната идеја требало да има два ката, но изградено е приземје и еден кат. До пред десетина години многу клубови и поединци спортските кариери го започнаа токму овде. Во салата се спортуваше одбојка, гимнастика, кошарка, борење, бокс, атлетика, слетови, ритмичко-спортска и модерна гимнастика, пинг-понг, стрелаштво и други спортови. Салата работела секој ден од 8 до 22 часот, со програма за сите возрасти, од деца од предучилишна возраст до највозрасната категорија.