Ретро или модерно: Што ќе облече Тамара на Евросонг?


Тамара како кралица или како откачена дама? Дали ќе не зборат во Тел Авив по моќната балада „Горда“ или и по изгледот?

Дизајнерот Александар Ношпал и евровизискиот тим до првата проба утре во „Експо центарот“ не го откриваат изгледот на нашата евровизиска претставничка која сепак ќе биде уникатна и на отварањето, на полуфиналето на 16 мај на Евросонг како и на другите протоколарни настани.

Се знае дека на гала појавувањата Тамара ќе носи фустани. На црвениот ќилим во црна боја на која на Ношпал ќе му позавиди и Готје, се пофали вчера на прес-конференцијата во Скопје поп-ѕвездата. На полуфиналето Ношпал и дизајнира тоалета во смарагднозелена боја. На другите настани нашиот славен дизајнер и избра модни парчиња од ексклузивните брендови на „Фешн груп“, како и италијански накит „Ребека“ .

Тамара и евровизискиот тим утрово летнаа за Приштина, па преку Истанбул се очекува во Тел Авив да слетаат денес во 16, 30 часот.

-Од моето евровизиско искуство, за квалитетен настап не се пресудни парите, туку добра соработка меѓу оние кои се задолжени за тоа. Евросонг е настан од сериозен карактер кој така и треба да се разбере. Настапот на секоја земја може да се каже дека е вид на театарска претстава, па од тука и облеката е резултат на добар концепт, вели Ношпал.

Со 27 години дизајнерски стаж зад себе, и импресивна биографија дома  во странство, Ношпал по четврти пат ќе се погрижи за изгледот на нашиот претставник на најпрестижниот музички настан во Европа. Во 2000-та година ги стилизираше „XXL“, во 2002-Каролина Гочева, во 2004-Тоше и годинава Тамара.

Добриот пласман на евровизискиот натпревар зависи од песната, вокалот, гардеробата, кореографијата, сценографијата, и секако лобирањата. Националниот тв сервис на секоја земја учесничка е полноправна членка на европската радиодифузна унија и ги има ексклузивните права за избор на претставник, но, и права и обврски кои треба да ги исполни. Меѓу членовите од правилата за Национален избор за Евросонг стои дека националниот сервис нема обврска да ги покрие трошоците за изгледот на претставникот, но има право да сугерира и да даде насоки како треба и со кого да се соработува.

Облеката со која ги испраќаме нашите пејачи низ годините почнувајќи од 1998 година со настапот на Владо Јаневски, имаше осцилации, од драматични па сѐ до лежерни моменти, претставникот на Македонија во најголемиот број случаи зад себе имаше продукција која одлучува кој моден бред ќе го рекламира нивниот ексклузивец. Во други од случаите, националната телевизија го избираше креаторот или пак пејачите беа децидни во изборот на познат светски бренд.

Финалето на Евросонг е закажано за 18 мај.

Л.Сабит