Ретко која фирма има Б-интегрирана еколошка дозвола, а и за нив не плаќаат – општините спијат


Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето за процесот на доделување на Б-интегрирани еколошки дозволи спроведено во: Битола, Кичево, Куманово, Неготино, Струмица, Тетово, Чаир и Штип, кое покажува дека општините доделиле многу малку или воопшто не доделиле вакви дозволи, но и дека од нив ретко или воопшто не наплаќаат.. 

Истражувањето открива дека никој во земјава не располага со точниот податок за бројот на доделени Б-интегрирани еколошки дозволи што општините им ги издаваат на фирмите чие работење влијае врз животната средина. Според Регистарот што го води Министерството за животна средина и просторно планирање иматели на Б дозволите се 278 компании. Истражувањето открива дека дел од дозволите што ги доделиле општините не се објавени во Регистарот, додека дел од фирмите иако ги затвориле инсталациите, сè уште се евидентирани во Регистарот. 

Поконкретно, истражувањето ги покажа следниве клучни наоди: 

  • Иако фирмите носители на Б-интегрирани еколошки дозволи треба да плаќаат надоместоци по неколку основи, сепак дури и големите општини годишно на оваа основа вкупно собираат само по неколку илјади денари. Оваа состојба отвора сомнеж дека општините не им ги пресметуваат надоместоците за поседување на Б-интегрирана дозвола на сите носители на дозволите. А, дел од фирмите не ги плаќаат редовно ниту ваквите ниски надоместоци за кои се задолжени.
  • Годишните надоместоци што ги плаќаат фирмите кои поседуваат Б-интегрирана дозвола се движат од 915 денари до 22.860 денари.
  • Големите разлики во приходите што ги остваруваат општините врз оваа основа, упатуваат на заклучок дека нема воедначен начин на пресметување на надоместоците за Б-интегрираните еколошки дозволи.
  • Со оглед на тоа што годишните надоместоци за најголем дел од инсталациите кои поседуваат Б-интегрирана еколошка дозвола се идентични секоја година, може да се толкува дека дел од инсталациите не доставуваат ниту годишни извештаи за мерењата за загадувањето и дека нецелосно им се утврдува годишниот надоместок. 
  • Општините немаат пракса да ги информираат граѓаните за приходите што ги остваруваат од фирмите кои се носители на Б-интегрирани дозволи. Отсуството на транспарентност го зголемува ризикот од злоупотреби. 
  • Општините немаат регистри на загадувачи. Дел од нив имаат изработено т.н. катастри на загадувачи, но на ниво на индустрии, а не и на поединечни фирми. 
  • Секоја втора општина се соочува со недостиг на инспекциски кадар во областа на животната средина. 

Ова истражување е изготвено во рамките на проектот „Заштита од корупција“  со финансиска помош од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, имплементиран од Центарот за граѓански комуникации, во периодот од 1 ноември 2021 година до 31 октомври 2024 година. 

Операторите на нови инсталации со емисии штетни за животната средина и за животот и
здравјето на луѓето, во случаите кога станува збор за инсталации со помал капацитет, се
должни да обезбедат Б интегрирана еколошка дозвола. Владата на Република Северна
Македонија ги определува инсталациите за кои е потребна Б интегрирана еколошка дозвола.
Министерот кој раководи со МЖСПП, поблиску ја пропишува постапката за издавање, измена,
целосен или делумен пренос на Б интегрираната еколошка дозвола, условите за престанок на
активноста и условите за одземање и престанок на дозволата. Во постапката за добивање на Б
интегрирана еколошка дозвола соодветно се применуваат одредбите за добивање на А
интегрирана еколошка дозвола.

Орган надлежен за издавање на Б интегрирана еколошка дозвола е градоначалникот на
општината и градоначалникот на градот Скопје.