Рестрикции во снабдувањето со вода во БиХ
Изворите на вода во Босна и Херцеговина се загрозени од долготрајната суша, поради што во многу градови се воведени рестрикции во снабдувањето со вода, со повици за нејзино рационално трошење.
Во Мостар и Лукавац има привремени плански прекини во испораката на вода, во Бања Лука испораката е ограничена за одделни приградски населби, а на Пале се во сила секојдневни четиричасовни рестрикции, пренесоа сараевските медиуми.
Во одделни делови од Коњиц ноќе се прекинува водоснабдувањето, додека предупредувања водата да не се користи за полевање градини или полнење базини се издадени во Томиславград, Широки Бријег, Посушје, Бихаќ, Цазин, Приједор, Травник и Зворник.
Во текстот се наведува дека водата се губи поради сечење шуми и непланска изградба, загадување и узурпација на реките, како и поради истекувања од неисправни водоводи.
Според податоците на Заводот за статистика на Федерацијата БиХ, само во тој ентитет на БиХ минатата година се изгубени повеќе од 136 милиони кубни метри вода, а загубите во водоводните системи изнесуваат и до 58,8 отсто.
Раните анализи на Светска банка покажаа дека загубите во градските водоводни мрежи во БиХ се проценуваат од 40 па сè до 70 отсто.