Ресторан во барокна зграда: Ревизорите немаат директор, ама добија кафеана


Државните ревизори сè уште немаат директор, но затоа добија кафеана каде што ќе можат да здивнат во паузите од работниот ден. Во барокната зграда каде што е сместен Државниот завод за ревизија, на крстосницата од улиците „Јордан Мијалков“ (поранешна „Железничка“) и „Павел Шатев“ во центарот на Скопје, никна угостителски објект. Надлежните уверуваат оти нема ништо спорно во тоа што во зграда каде што функционира државна институција е отворена кафеана, која е достапна за сите заинтересирани, поради што веројатно ќе им биде загрозен мирот и комодитетот на вработените.

„’Аманет’ – национален ресторан“, пишува на таблата во палатата „Емануел Чучков“. Неколку месеци траеја подготовките на сопствениците за отворање на објектот. На официјалната страница на Фејсбук пишува дека станува збор за „македонски ресторани во срцето на Скопје“, со уникатен вкус на македонската традиција во која ќе се служи исклучиво домашна и свежа храна, а атмосферата ќе биде придружена со амбиентална музика за врвно уживање.

Во Државниот завод за ревизија објаснуваат оти тие немаат врска со менаџирањето на објектот, во кој се сместени заедно со вработените од Геолошкиот завод, врз чии поранешни бараки се изгради барокот, како и со кадар на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и со деловен простор.

Во најголем дел од канцелариите во шесткатната зграда сме сместени ние, но ние не управуваме со објектот, кој има два влеза и сега еден посебен за ресторанот“, велат од Заводот за ревизија.

Со зградата менаџира државната АДСДП, од каде што потврдуваат дека тие го издале под наем просторот на приземјето. Оттаму објаснуваат оти нивна задача е да стопанисуваат со државниот имот најрационално што можат, овозможувајќи прилив на средства во буџетот.

Според процедурата, најпрво организираме електронски аукции, на кои воопшто не се знае кој учествува бидејќи наддавачите имаа само шифри со цел да нема местенки и протекции. Претходно наши тимови вршат проценка на цената на локалот што го издаваме. Тоа зависи од местоположбата, дали има излог… За конкретниот објект што се наоѓа на приземјето во палатата ‘Емануел Чучков’, со големина од 186 квадратни метри, побаравме месечна кирија од 63.528 денари. На 29 јануари годинава беше реализирана електронската аукција, која е под ингеренции на Министерството за транспорт и врски, при што се јави само еден купувач. Тој беше избран за кираџија со понуда од 44.470 денари. Според законот, бидејќи станува збор за прва објава, странката може да го симне бараниот износ за една третина. Притоа, кога почнува аукцијата, доколку не се јави никој, бараната сума се намалува како што минува предвиденото време. Победникот, фирма од Прилеп, го доби објектот во владение на пет години“, информираат од АДСДП.

Најмувачот, според прописите, уплатил три кирии однапред со цел државата да биде заштитена при евентуално затворање на објектот. Договорот на пет години може да се раскине или да се продолжи во зависност од тоа дали странката ги исполнува обврските кон државата.

На прашањето колку е вообичаено на место каде што функционира државна институција, па згора и во новите барокни згради да се отвори кафеана, од АДСДП одговараат оти тие и не знаат со каква намена ќе биде локалот.

Ние го издаваме, а кираџијата подоцна ги брка неопходните дозволи. Во овој случај, тој морало да добие дозволи од разни инспекции што се под ингеренција на градот. Од друга страна, и во барокната зграда каде што е Агенцијата за млади и спорт сакаме да издадеме локали, но веќе година и половина не успеваме бидејќи нема заинтересирани“, дополнуваат во Акционерското друштво.

Бараките на Геолошкиот завод беа срушени во јули 2014 година. Новиот објект на површина од околу 7.000 квадратни метри, кој се состои од подрум, приземје и шест ката, чинеше осум милиони евра. Во употреба беше пуштен пред три години.

Горан Адамовски