Решенија за ментори добија 46 наставници, во новата учебна година ќе има 800 образовни асистенти


Четириесет и шест наставници од основните училишта денеска добија решение за унапредување во звање ментор. Решенијата им ги врачи министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој истакна дека со новостекнатото звање тие стануваат поддршка и мотивација за останатите наставници во училиштата каде се вработени за подигнување на квалитетот на настава, а со тоа за унапредување на воспитно-образовниот процес.

Досега во звања ментор преку три повици на МОН во три години се унапредени вкупно 250 наставници.

Во обраќањето по повод почетокот на новата учебна година, Шаќири информираше дека за време на летниот распуст биле спроведени и обуки на над 17 200 наставници и 1100 стручни соработници што, рече, е единствен начин за јакнење на нивните компетенции.

-Поголема поддршка во новата учебна година добиваат и учениците со попреченост кои посетуваат настава во редовните основни училишта. Пред две години имавме 500 образовни асистенти, лани 720, а од септември ќе има 800 ангажирани образовни асистенти. Во постапка е нов закон за средно образование кој предвидува ангажирање образовни асистенти и во средните училишта каде во моментов ваков тип на стручен кадар се ангажира преку Програмата за општинска корисна работа поддржана од УНДП, додаде Шаќири.

Информираше и дека во новата учебна година ќе има нови безбедносни мерки во училиштата, во сосработка со Министерството за внатрешни работи.

-Ги завршивме дискусиите со МВР, ги дефиниравме потребните насоки за сите училишта и сите ќе бидат известени од страна на МВР, рече министерот.

Во однос на капиталните инвестиции, соопшти дека се завршени или во завршна фаза реконструкции во 56 училишни објекти, а во тек е изградба, односно доградба на четири нови објекти низ државава.

-Од утре учениците ги очекуваат подобри услови за настава во неколку училишта. Ја подобруваме енергетската ефикасност, пристапноста на училишните простории за учениците со попреченост, хигиенско-санитарски услови итн. за што вложуваме 4,5 милиони евра, наведе Шаќири.

Годинава, како и во изминатите две, годишниот буџет за капитални инвестиции во образованието е над 16 милиони евра, а МОН, додаде тој, само лани реализирало над 94 проценти.

-Во тек на ова лето за сите основни училишта во државата набавивме нови нагледни средства и помагала за кабинетите по историја, географија и другите предмети од групата на општествени науки. Тоа во голема мера ќе го подигне квалитетот на наставата, креативноста и интеракцијата помеѓу учениците и наставниците, соопшти Шаќири во обраќањето по повод новата учебна година.