Решението за Македонија заглави меѓу „Мадуро“, премиерот „проект“ и мафијашките инсталации во Бугарија
Прес конференцијата со еврокомесарот Оливер Вархеи покажа се: Петков веќе не се ни обидува да внесе разум во преговорите со Македонија и кренал раце од решение
Бугарскиот премиер Кирил Петков денес пред еврокомесарот Оливер Вархеи испорача три барања за Македонија – вклучување на Бугарите во Уставот, исполнување на условите од Рамковната позиција и почитување на Договорот за соработка и добрососедство, практично застанувајќи зад максималистичката позиција. Мрачниот лик со кој се појави на прес-конференцијата и исто таквиот израз на еврокомесарот кажа сѐ: Петков веќе не се ни обидува да внесе разум во преговорите со Македонија и кренал раце од решение, туку напротив, им се приклучи на другите кои само го користат ова прашање, за да си ја спаси владата што е во паѓање.
Од вчера е јасно дека тој, и да остане да владее, реално него ќе го владеат тие од кои зависи неговото опстојување на политичката сцена. Македонија практично повторно нема бугарски партнер на преговарачката маса кој има капацитет да донесе каква било друга одлука, освен да остане на ветото за преговорите со Унијата.
Она што беше јасно кога падна претходната влада и кога почна серијалот избори во Бугарија сега се потврдува пак – дека Македонија станува заложник на дисфункционалноста на земја членка на Унијата со која владеат заткулисни центри, а спорот со Македонија им служи само во внатрешна пресметка. Земја која се одалечува сѐ повеќе од европските стандарди и која се самоизолира од надворешното влијание на Унијата и на други меѓународни фактори. Бугарските аналитичари веќе најавуваат нова спирала на политичка неизвесност која во најдобар случај ќе заврши со нови избори, кои пак не гарантираат дека нема да се повтори истото.
Според реакциите во бугарската јавност, Македонија е само изговор а не вистинска причина за кризата. Вистинската е борбата против корупцијата која „тропна“ на вратата и на Бојко Борисов, па старата мафијашка структура прави сѐ да ја превенира. Формално во медиумите се вртат неколку можни сценарија за излез. Првото е дел од министрите на Има таков народ да решат да не се повлечат од владата, а премиерот Кирил Петков да придобие на своја страна 12 од 25-те пратеници на оваа партија во Народното собрание. Со оглед на тоа дека сите ѝ предвидуваат крах на оваа партија на евентуални избори не е неверојатно дека некои од нејзините членови ќе ги стават личните пред партиските, т.е. мафијашките интереси.
Мафијашки, бидејќи сите реакции во Бугарија вчера беа дека партијата на Слави Трифонов е политичка инсталација на ГЕРБ, што се видело и од фактот дека нејзините пратеници и министри дознале како и сите граѓани дека си заминуваат од владата – на вести. Оценката е дека структурите околу бившата власт биле под притисок на руски „Гаспром“ да продолжат со бизнисот како порано и дека со своите настојувања да ја реформира Антикорупциската комисија и да се справи со злоупотребите на претходната власт Петков ја забрзал потребата да ја преземат контролата на власта.
Ако падне владата на Петков, што е второто сценарио, и ако тој повторно добие мандат да прави друга влада но не успее, тогаш втора во редот да проба е ГЕРБ, која може да смета на гласовите на турската партија ДПС, на екстремно националистичката Преродба и на ИТН, иако последниве тврдат дека таква влада нема да поддржат. Третото сценарио е влада да прави ИТН, бидејќи јавно изјавуваат дека не им пречи владата туку само премиерот и вицепремиерот, но прашање е која ќе биде третата партија на која претседателот Румен Радев ќе ѝ даде мандат, бидејќи уставот го обврзува само за првите две.
Четвртото сценарио е на крајот на летото или наесен да има нови избори, кои ќе ја стопат поддршката на Бугарската социјалистичка партија која сега е во власта, ќе ја збришат ИТН и ќе ги поделат гласовите меѓу новите реформистички партии, а ќе им дадат сила на новите националисти, така што Македонија може повторно да се соочи со веќе виденото од времето на Бојко Борисов и Красимир Каракачанов. Очекувањата се дека ќе има нови „политички проекти“ како овој со ИТН кој ја истроши содржината и рејтингот, и од левата и од десната страна. Потврда за тоа е новата партија на поранешниот службен премиер Стефан Јанев, која ги собира зад себе проруските гласови и зад која се крие претседателот Румен Радев, на кој му пречи силното прозападно однесување на премиерот Петков.
Во моментов само се отвораат картите од партиите кои имаат амбиции без избори да ја задржат или урнат владата. Социјалистите и Демократска Бугарија јасно кажаа дека остануваат со Петков, а од ИТН тврдат дека нема „предавници“ во нивните редови кои би ја смениле страната, додека се обидуваат да го урнат кабинетот. Од турската ДПС порачаа дека сакаат нови избори и дека нема да ѝ помагаат на власта да опстане, а само Бојко Борисов глумеше дека не знае што се случува – бидејќи немал струја и не следел вести.
Практично Бугарија се сведе на тоа еден шоумен и циркузант во политиката да решава дали ќе има влада или не, и тој да е факторот кој урна два кабинета и сега сака да го направи тоа по третпат за да ја оствари целта со која влезе во политиката, односно таа за која според сите оценки го платиле дебело да опструира. Вчера бугарски дипломат го опиша Слави Трифонов како политичар „земи пари и носи“, во чие име носи одлуки некој друг што е помоќен. Друг порача дека „Слави не пее без пари“ и дека е политичар „холограм“, бидејќи никаде не се појавува и за ништо не одговара, односно нема јавна функција,
Колку, пак, е безнадежна и колоритна во исто време политичката ситуација во Бугарија се гледа од квалификативите за главните политички партии или лидери во земјата, односно од перцепцијата за нив во јавноста: па така, Петков новинарите го нарекуваат „проект“, а не премиер, Радев меѓу прозападните сили го нарекуваат „Мадуро“, членовите на ГЕРБ се познати како „мурти“ (силеџии), социјалистите како русофилиски структури, а сите нови партии како политички инсталации на некого. Во таква костелација има уште едно сценарио, иако тоа изгледа неверојатно во моментов, односно да се соберат околу заеднички интерес БСП, ГЕРБ и ДПС, бидејќи ниту една од нив не е прозападна и ниту една од нив не е антикорупциски настроена, напротив сите имаат „путер на глава“ и на сите нив Петков им е пречка.
Така што, и да преживее актуелниот премиер, прашање е по која цена ќе владее и како, односно во чиј скут ќе мора да седне. Она што е единствено сигурно сега е дека Теодора Генчовска, која беше недорасната за функцијата и беше продолжена рака на Радев, нема веќе да биде министерка бидејќи, според бугарските медиуми, Петков нема да се обиде да ја задржи.