Решението за екстра лесната нафта вклучува и подобрување на нејзиниот квалитет


Изедначувањето на цената на екстралесната нафта со цената на дизел горивото деновиве е жешка тема во јавноста

Анализата за акцизата на екстра лесното гориво е изработена од Царинската управа и очекуваме во текот на следната недела да имаме заеднички состанок и да ги погледнеме резултатите и од таму да преземеме соодветни чекори за системски решенија, изјави денеска министерката за финансии Нина Ангеловска.

Ангеловска нагласи дека се работи за проблем, односно нешто што влијае на нашата животна средина и дека се работи за собирање обемни податоци.

– Министерството за економија има изработено правилник за зголемување на квалитетот на екстра лесната нафта. Тука треба да направиме дополнителни усогласувања и се работи и на тоа. Верувам дека наскоро ќе можеме тој правилник Министерството за економија да го достави до Владата, изјави Ангеловска.

 

Министерот за економија Крешник Бектеши, рече дека кога се донесе одлука за зголемување на акцизата на горивата, што се однесува на екстра лесното гориво не е воведен механизам за ако во светските берзи нафтата се зголемува за екстра лесното да се намалува акцизата.

– Значи е фиксно зголемувањето на акцизата. Што се однесува до екстра лесното дополнително, на тоа треба да се направат детални анализи. Министерството за економија е при крај со подготовка на правилникот. Веќе го имаме и финалниот драфт заедно со Регулаторната комисија за енергетика. Што се однесува до квалитетот на горивата со последните измени на Законот за енергетика многу важна улога игра и РКЕ, појасни Бектеши.

Според него еден месец за вакви анализи можеби не е доволно.

– Сите институции работат експедитивно се со цел да имаме одлука, каде што сите што користат и моментално екстра лесно да бидат известени навреме. Како што знаете екстра лесното може да се користи само од октомври до април, а во текот на другите месеци нема право и со постоечките законски решенија да се користи, изјави Бектеши.