Решението за депонијата Русино заглави пред финишот


Неизвесен е исходот од иницијативата за организирано и современо депонирање на комуналиот отпад во Полошко. Уредувањето современа депонија и формирањето заедничко претпријатие најверојатно ќе се се пролонгира. Почетокот на работата беше предвиден до средината на оваа година. Раководните органи не може да се назначуваат поради предвремените избори и околностите што ги наложи корона-кризата.

Закочено формирањето јавно комунално претпријатие за девет општини ЗЈП „Русино/Полог“

Депонијата Русино изминатиов месец гореше двапати. Покрај чадот и смрдеата, во воздухот надвиснаа и прашања. До каде е иницијативата за конечно решавање на проблемот што повеќе од две децении е дел од ветувањата на политичарите и кога ќе конечно ќе се реши?

Изминативе две децении имаше неколку обиди да се воспостави ред со одлагањето на комуналниот отпад во Полошко и сите се без завршница. Последната иницијатива потекна од Центарот за развој на Полошкиот плански регион. Динамиката на работите се одвиваше добро, но заради околностите поврзани со предвремените избори и кризата со крононавирусот, работите застанаа. Според најавите тие најрано ќе продолжат за два – три месеци.

Последното решение за справување и управување со отпадот во Полошко се вклопи во рамки на проектот „Управување со цврст отпад во Полошкиот Регион“. Во првата фаза од овој проект е предвидено формирање заедничко регионално јавно претпријатие за управување со цврст комунален отпад во Полошкиот Регион. За оваа намена преку проектот што е финансиран од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања -SECO-  е обезбеден грант од 1,9 милион швајцарски франци. Општините издовоија и пари за основачкиот фонд, вкупно 1,2 милион денари.

Новото претпријатие доби и име ЗЈП „Русино/Полог“ (Заедничко регионално јавно претпријатие за управување со отпад во Полошкиот плански регион ЗЈП „Русино/Полог“) и времен дириктор или вршител на должноста.

Од Полошкиот плански регион потврдија дека се доцни. Причината за тоа е, како што наведуваат, немање раководни органи. За да се назначат луѓето во нив, потребно е „зелено светло“ од општинските совети и тоа да биде пропратено со соодветни одлуки. Тие поради корона-кризата не заседавале.

– Решението за регистрација на претпријатието е издадено на 4.3.2020 година. Поради прогласената вонредна состојба во државата и воведувањето на рестриктивните мерки, постапката за формирање на претпријатието беше прекината, изјави за МИА Славко Костоски, одговорен во единицата за управување со проектот во Центар за развој на Полошки плански регион.

Костоски појаснува дека е предвидено сите девет општини да донесат одлуки за именување членови во Управниот и Надзорниот одбор и прифаќање на нацрт-одлуката за формирање на УО на ЗЈП „Русино“. Во меѓувреме до претседавачите на советите на сите девет општини веќе се доставени нацрт-одлуките за именување членови на Управниот и Надзорниот одбор. Постапката за регистрација на ЗЈП „Русино/Полог“ е предвидено да заврши кон крајот на јули 2020 година, подвлекува Костоски.

Гостиварци најзаинтересирани за Русино

Првиот човек на гостиварската општина оценува дека се пробиени роковите.

– Работата требаше одамна да биде завршена, но како и многу други работи и оваа за жал доцни. Нашите обврски ги исполнивме и помогнавме, бидејќи таа е во нашиот атар и најмногу сме заинтересирани. Ние го дадовме и предлогот за вршител на должноста директор, но досега немаме конкретни информации за текот на постапката, вели Арбен Таравари.

Некогашниот потпретседател на македонскиот парламент Бесим Догани сè уште чека на новата функција.

Седиштето на ЗЈП „Русино/Полог“ ќе биде во Гостивар и е предвидено да има две претоварни станици, кои се организирани како подружници, и тоа: Претоварна станица (ПС) Подружница во Тетово каде што ќе се транспортира отпадот од општините Желино, Теарце, Јегуновце, Тетово и Претоварна станица (ПС) Подружница Маврово и Ростуше каде што ќе се транспортира отпадот од општината Маврово и Ростуше.

Комуналните претпријатија и натаму ќе постојат, а во делот на собирање и депонирање на отпадот ќе соработуваат со новото претпријатие.

Граѓаните бараат депонија и селекција на отпад по европски терк

Откако изминативе години не успеаја иницијативите за соодветен третман на отпадот во еден од најнаселените региони во Македонија граѓаните трпеа. Се случија неколку сериозни еколошки инциденти.

 

Најсвежи се примерите кога Тетово се задушуваше во смет. Илјадници тони се трупаа на претоварната станица во централното градско подрачје и создаваа чад и смрдеа. Депонијата Русино, поради несоодветен третман, почна да ги загадува подземните води и полето во селата Долна и Горна Бањица, па тамошните жители со протести ги блокираа приодите за камионите што носеа отпад. Пропадна и иницијативата за јавно-приватно партнерство што пред шест години дојде до завршната фаза. Се потрошија и време и пари. Незадоволството на гостиварци дојде до израз минатато лето, кога огнот на депонијата гореше една недела. Тогаш еколозите предупредија дека Русино е нестандардизирана депонија и претставува висок ризик за животната средина.

До конечното решение, депонијата Русино повторно ќе гори, а опасниот чад и неконтролираното одлагање смет и натаму ќе бидат сериозна закана по здравјето на граѓаните.