Ресен оздравува со голема самодисциплина
Откако на семејна слава на Спасовден Преспа наеднаш стана силно жариште на корона вирусот, со голема дисциплина таа се справува со Ковид-19. Од 10 јуни, кога беше дијагностициран првиот случај во Ресен се потврдени 146 случаи, но сега се активно болни само 11 пациенти
Анета Блажевска
БИТОЛА – Преспа забрзано оздравува од вирусот по само два месеца од почетокот на корона кризата во овој регион. Позитивни вести доаѓаат секој ден од Ресен каде бројот на оздравени е сѐ поголем, а бројката на инфицирани со денови е нула.
Од 10 јуни, кога беше дијагностициран првиот случај на корона вирусот, во овој град се потврдени 146 случаи, за сега активно болни се само 11 пациенти. Она што е охрабрувачко е што во последните единаесет дена (од 1 до 11 август) во Ресен има само еден новозаболен од вирусот, ама затоа оздравеле 21 ресенчанец.
Трендот на оздравување е особено впечатлив во последната недела од месец јули кога се евидентирани тројца новозаболени, а дури 25 оздравени. Во моментов ниту еден ресенчанец не е хоспитализиран, а активно болните се или без симптоми или со лесна клиничка слика. Болните и сега се во семејни кластери и тоа само во градот.
Од Општина Ресен велат дека она што ги мачи ресенчани е што има случаи каде и по 50 дена од потврдата на вирусот, заболените никако не можат да добијат негативен тест иако со недели немаат никакви симптоми. Поради тоа што тестовите постојано им се позитивни не можат да излезат од изолација.
„Она што ни создава грижа се специфичните случаи каде позитивните на вирусот и по 35 до 50 дена од дијагностицирање на болеста не можат да извадат негативен текст на корона вирусот. Ова се околу десеттина случаи. Луѓето се здрави, така се чувствуваат, ама тестовите им се постојано позитивни и мора да седат дома, што им прави дополнителна грижа“, изјави за „Независен“, градоначалникот на Општина Ресен Живко Гошаревски.
Од инфицираните случаи со вирусот најголем дел се од старосната граница над 60 години, потоа следуваат оние од 45 до 60 годишна возраст, а само неколку случаи во Ресен се на заболени млади лица над 18 години.
Болеста во својот најсилен замав покрај во градот Ресен се рашири и во селата Јанковец, Грнчари, Асамати, Крани, Царев Двор и Болно.
Вирусот се ширеше најмногу во семејни кластери и работни ораганизации, а експлодираше на семејна слава за Спасовден, каде вирусот се рашири кај десетици присутни семејства.
Ресенчани велат дека ја увиделе опасноста од вирусот, особено по смртта на четириесетгодишниот Илија Котевски. Во Преспа од вирусот починаа вкупно четири лица.
„Ресен и Преспа беа за пример во државата сѐ до Спасовден кога почна да се шири вирусот, сите знаеме како, ама свесноста од тоа колку е опасен овој вирус за жал ја увидовме сите кога почина Илија, млад човек, спортист, кој никогаш немал болест. Тогаш сите се замисливме, владееше чудна атмосфера, секој од нас со голема самодисциплина придонесе за оваа ситуација сега да броиме само оздравени, а не болни“, вели Менде Ј. жител на Ресенско.
Со почетокот на туристичката сезона раздвиженоста во градот и крај преспанскиот брег е голема, но ресенчани велат дека тие ги почитуваат мерките.
„Луѓето се принципиелни и атмосферата во градот е како да има полициски час, мерките се почитуваат. Раздвиженоста заради туристите е поголема, но нашето однесување не се промени. Граѓаните се дома или на бавчи и нема собирање или шетање“, вели Љубица жител на Ресен.
Преспа прави сѐ да не ѝ се случи „Градиште“
Градоначалникот Гошаревски вели дека како општина успеале за неполни два месеца да ја стават ситуацијата под контрола за што најзаслужни се самите граѓани, како и координацијата на Кризниот штаб со МВР и верските заедници. И сега во ек на туристичка сезона Преспа е под засилени инспекциски контроли и мерки на Кризниот штаб.
„Кон крајот на јуни и почетокот на јули имавме ситуација кога и по 200 граѓани беа во изолација, се најдовме на листата на петте први градови во државата по бројот на инфицирани, и тоа беше страшно. Но, продолживме со засилени контроли, инспекции, редарски служби. Ги одложивме културно-забавните настани. Сега во ек на туристичка сезона инспекциите се нон-стоп на терен и сме во многу поволна ситуација. Верувајте правиме сѐ во Преспа да не се случи Градиште, иако сите сместувачки капацитети се резервирани до 1 септември. Преспа оздравува и ова треба да биде поттик за многу други градови во државата“, вели градоначалникот Гошаревски.
Според него, Ресен се подготвува за вториот бран на корона вирусот наесен за што во соработка со Министерството за здравство ќе биде отворен модуларен ковид центар во близина на Здравствениот дом во Ресен со што во градот ќе се прават ковид тестови, рендген и ќе има дневна болница за пациенти со полесна клиничка слика.
Инаку надворешната канцеларија за криминалистички работи Ресен поднесе кривична пријава против Т.К. (65) од Ресен, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“. Тој на 30 јули при контрола на полицијата за почитување на мерка за самоизолација, не бил затекнат дома, односно не ја почитувал мерката согласно даденото решение.