Ресен – градот кој е имун на корона вирусот (дпл)


Во Преспа досега се направени 200 тестови на Ковид-19 и сите биле негативни: Ресен

Дисциплината, почитувањето на мерките на здравствените власти и менталитетот на жителите се клучот што во Ресен и целата Преспа досега нема ниеден заболен од Ковид-19

 

Анета Блажевска

Битола – Дисциплината на преспанци, координираната и добрата организација на локалната власт со полицијата и инспекциите – изгледа дека тоа е формулата што во Ресен во изминатите три и пол месеци не забележан ниту еден позитивен случај на Ковид-19.

Четириесеттина преспанци уште на почетокот на март се вратиле од странство во Преспа, биле во самоизолација, ама за среќа никој од нив не го донел вирусот, иако некои допатувале од тогаш многу ризичните земји.

Според информациите од локалната самоуправа, во Преспа досега се направени над 200 тестови на Ковид-19, половина од нив на лица кои се вратиле од странство или биле суспектни, а 22 тестови се направени со скринингот на вработените во градинката и сите се негативни. Ресен брои околу девет илјади жители, а цела Преспа над 16 илјади граѓани.

Жителите на Преспа велат дека ситуацијата со корона вирусот ја сфатиле сериозно, па и покрај желбата за семејни и пријателски седенки, се почитувале препораките на здравствените власти.

„Многу, многу не се дружиме, сите сме кој по бавчи, кој по дома, а ако одиме до продавница сите сме со маски“, вели Пере Транталовски, овоштар, жител на Ресен.

„По бавчите нема корона, само работа“, вели на шега Блерим Бесими, жител на Преспа, кој смета дека менталитетот и културата на неговите сограѓани одиграле пресудна улога за позитивната слика за Ресен како град без случај на заболен од корона вирусот.

„Претпазливи сме, најголем дел од нас ги почитуваат препораките на Владата. Од друга страна, сите работиме земјоделие и не се групираме. По бавчите немаме контакт со други луѓе, освен фамилијата, и тука е целата ситуација. Преспа е шампион кога станува збор за култура на месното население“, додава Бесими.

Градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски, вели дека многу пати јавно им се заблагодарил на граѓаните за покажаната одговорност, бидејќи смета дека токму преспанци ја одиграле клучна улога за целокупната состојба во Ресенско со корона кризата.

„Кусо кажано, позитивната слика се должи на одговорноста на граѓаните, Ресен да биде бела точка на ковид мапата во државата без ниту еден заболен во изминатите три и пол месеци. Истовремено, како општина покажавме многу добра координација со надлежните од полицијата и инспекциите за спроведување на мерките“, вели за „Независен“, градоначалникот Гошаревски.

Уште пред да се воведе полицискиот час во март, Гошаревски од Кризниот штаб побарал да се затворат сите туристички места и да се стави клуч на сместувачките капацитети, бидејќи поради поволното сончево и топло време, Преспа била посетувана од многу туристи од различни краишта на државата. За Велигден и за Бајрам општината соработувала со претставници на МПЦ и ИВЗ.

„И покрај потешкотиите, досега успешно се справуваме со ситуацијата. Најпрво со првиот бран кога околу 40 лица допатуваа во Преспа и беа ставени во самоизолација. Веднаш формиравме мобилни тимови да им доставуваат храна, да нема движење додека трае тој период од 14 дена. Вториот бран беа верските празници. Тогаш веднаш ги повикав старешините и од христијанска и од муслиманска вера и се координиравме. Така, и пред празниците и за време на празниците точно знаевме каде имаме движење на верници и како треба да се постапува“, вели Гошаревски. 

Општина Ресен изминатиот викенд не остана без посетители од градовите кои беа три дена во карантин, но градоначалникот вели дека во Преспа во најголем дел допатувале сопственици на викенд куќи, а не и туристи по сместувачки капацитети.

„За изминатиот викенд брзо реагиравме. Само што видовме по медиуми дека колони возила излегуваат од Скопје, свикав седница на Кризниот штаб и донесовме заклучок да се формираат редарски служби и тимови по туристичките места и по селата во соработка со полицијата. Инспекциите беа во сите сместувачки капацитети, па дури и во приватни куќи кои се категоризирани за сместување. Како резултат на тоа немаше прекршување на мерките, ниту на полицискиот час. Оние што дојдоа во Преспа од Скопје и другите градови беа сопственици на куќи и имоти, што е нивно право и тука не можеме да делуваме, ама најважно е дека немаше групирање и непочитување на препораките“, вели првиот човек на Општина Ресен, Гошаревски.

Но тој е претпазлив и напоменува дека ваквата слика не им дава за право да се опуштат во целокупната ситуација, туку уште повеќе да се почитуваат мерките за Ресен да остане светла точка во државата во кризата со корона вирусот.

***

Откако денеска беше објавено дека во Ресен е регистриран првиот случај на инфициран пациент со корона вирусот, градоначалникот Живко Гошаревски соопшти дека на терен се присутни тимови на Центарот за јавно здравје кои спроведуваат епидемиолошки анкети за сите кои биле во контакт со заболениот.

„Свикав итна седница на Кризниот штаб. Место за паника нема. Препораките остануваат исти, мерките остануваат исти – одржување дистанца, носење заштитни маски, редовна хигиена. Само на ваков начин ќе го победиме невидливиот непријател“, соопшти градоначалникот Гошаревски.