Републиканскиот сенатор Мит Ромни не гласал за Трамп
Сенаторот од Јута, репубиканецот Мит Ромни, не гласал за Доналд Трамп на претседателските избори во САД.
На изборите закажани за 3 ноември, во повеќе сојузни држави дозволено е предвремено гласање или гласање по пошта. Во некои држави како Вирџинија, Минесота, Јужна Дакота и Вајоминг, гласањето започна уште на 18 септември.
Од кабинетот на сенаторот не кажаа дали Ромни гласал за демократскиот претседателски кандидат Џо Бајден.
Сенаторот минатата недела испрати остри критики до Трамп, бидејќи овој одби да ја осуди „QAnon“, група која по социјалните мрежи прошири лажни информации за Ковид-19 и движењето „Црните животи се важни“. Федералното биро за истраги (ФБИ) предупреди дека оваа група е домашна терористичка закана.
– Неподготвеноста на претседателот да осуди една апсурдна и опасна теорија на заговор продолжува еден загрижувачки тренд: политичарите и партиите одбиваат енергично и убедливо да отфрлат групи како антифа, бели супрематисти и трговци на заговори, напиша Ромни минатата недела на Твитер.
Ромни продолжи со критики насочени како кон претседателот така и кон демократите, тврдејќи дека се одговорни за претворање на политичката атмосфера во земјата во „бара исполнета со омраза“. Тој ги повика лидерите од двете страни да ја „намалат усвитеноста“.
Според анкетите најголем дел од гласачите преферираат да гласаат за Бајден, неизвесно може да биде само во неколку држави.