Републиканецот Џером Пауел по вторпат на чело на ФЕД


Претседателот Џо Бајден во понеделникот го назначи републиканецот Џером Пауел за шеф на Федералните резерви (ФЕД), со што стави крај на шпекулациите за тоа кој ќе ја води американската централна банка во следните четири години.

Ова е втор мандат на Пауел на чело на ФЕД, пренесува АФП, додавајќи дека за потпретседател е избрана Лаел Брејнард, единствената демократска гувернерка во институцијата.

Белата куќа ја поздрави „решителната акција на Пауел и ФЕД за амортизирање на ефектите од пандемијата и закрепнување на економијата“.

Тоа беше долгоочекувана одлука на Белата куќа и многу чувствителна за Џо Бајден, кој преговара за инвестициските планови во Конгресот.

Изборот на претседател на централната банка е, што се однесува до економијата, една од најважните одлуки во мандатот на секој американски претседател.

Џером Пауел (68) раководи со ФЕД од 2018 година.

Пауел, кој е адвокат и банкар, беше назначен од поранешниот американски претседател Доналд Трамп на чело на ФЕД во 2017 година.

Неговото назначување, сепак, мора да биде потврдено од Сенатот, првенствено од Комитетот за банкарство.

Демократската сенаторка Елизабет Ворен во октомври го нарече Пауел „опасен човек за да ја води ФЕД“.

Во 2017 година, таа беше единствениот член на Комитетот за банкарство на Сенатот што гласаше против Пауел.