Републиканци му вртат грб на Трамп по тврдењата дека се „крадат“ изборите


ВАШИНГТОН – Некои републикански конгресмени го критикуваа неподдржаното тврдење на претседателот Доналд Трамп дека демократите се обидуваат да ги „украдат“ изборите, велејќи дека коментарите на Трамп го поткопуваат политичкиот процес на САД и општоприфатеното мислење дека на сите Американци треба да им се изброи гласот.

Трамп, кој со недели се жалеше на гласачките ливчиња по пошта, ескалираше со своите обвинувања доцна во четвртокот, велејќи дека процесот на пребројување на гласачките ливчиња е неправеден и корумпиран. Трамп не ги поткрепи своите тврдења со никакви детали или докази, а државните и федералните власти не пријавија никакви случаи на широко распространета измама на гласачите.

Адам Кинцингер, републиканец од Илиноис, објави на Твитер дека тврдењата на претседателот за измама „стануваат луди“. Ако Трамп е „легитимно“ е загрижен за измама, тоа треба да се темели на докази и тие да бидат изведени пред суд, рече Кинцингер, додавајќи: „СТОП за ширење дезинформација“.

Гувернерот на Мериленд, Лери Хоган, потенцијален претседателски кандидат за 2024 година, кој честопати го критикуваше Трамп, недвосмислено рече: „Нема одбрана за коментарите на претседателот кои го поткопуваат нашиот демократски процес. Америка ги брои гласовите и ние мора да ги почитуваме резултатите како и секогаш досега“.

„Ниту еден избор или личност не е поважна од нашата демократија“, напиша Хоган на Твитер.

Други критики, иако помалку директни, доаѓаа од членовите на Конгресот. Сенаторот Марк Рубио, републиканец од Флорида, кој зборуваше на неодамнешниот митинг на предизборната кампања за Трамп, со твит порача дека ако некој кандидат верува дека „некоја држава ги крши изборните закони, има право да го оспори тоа на суд и да даде докази во прилог на таквите тврдења“.

Рубио претходно рече: „Да одвоите денови за да броите законски дадени гласови НЕ е измама. А судските оспорувања за гласовите дадени по законскиот рок за гласање НЕ е притисок“.

Сенаторот Мит Ромни, претседателски кандидат на партијата во 2012 година, рече дека броењето гласови е често „долго“ и „фрустрирачко“. Ако се тврдат какви било неправилности, „тие ќе бидат испитани и конечно решени пред судовите“, објави  Ромни. „Верувајте во демократијата, нашиот Устав и американскиот народ“.

Коментарите на републиканските законодавци и другите лидери на оваа партија беа ретки јавни укори кон Трамп, кој бараше – и генерално доби – лојалност од сограѓаните републиканци во текот на неговиот четиригодишен мандат. Повеќето се мачат да избегнат директно критикување на Трамп, дури и кога сметаат дека неговото однесување не помага или е навредливо за нивните вредности и цели.

Твитовите на Трамп во четвртокот, прогласувајќи победа и повикувајќи ги службениците да запрат со броењето беа тест за тоа колку силно може да ги задржи републиканците на неговата линија додека се обидува да го оспори процесот на гласање на суд.

Пред говорот на Трамп неколку републиканци ги оспорија неговите обиди да го запрe пребројувањето на гласовите во Пенсилванија и другите држави.

Лидерот на мнозинството во Сенатот, Мич Меконел, сојузник на Трамп, кој победи за повторен избор во вторникот во Кентаки, им изјави на новинарите дека „тврдењето дека сте победиле на изборите е различно од завршувањето на пребројувањето“. Неговата канцеларија одби да даде коментар по обраќањето на Трамп во четвртокот.

Сенаторот Лиса Мурковски, пак, ги повика „сите да бидат трпеливи“, бидејќи резултатите ќе дојдат.

„Важно е да им дадеме време на изборните службеници да ги завршат своите работни задачи и да обезбедиме сите законски дадени гласачки ливчиња да бидат  преброени“, рече таа во изјавата.

Вил Херд, републиканец од Тексас ги нарече коментарите на Трамп за наводните злоупотреби на изборите „опасни“ и „погрешни“  и дека го поткопуваат политичкиот процес на САД  „врз основа на кој е изградена оваа нација“.

„Гласот на секој Американец треба да биде изброен“, рече Херд.

Демократскиот сенатор Крис Марфи од Конектикат изјави за Асошиетед прес дека се надева дека републиканците ќе го засилат својот одговор на непоткрепените тврдења на Трамп.

„Иако републиканците можеби сакаат да му дадат време на Трамп да ги каже своите аргументи, кога ќе стане јасно дека тврдењата се без основа, мојата надеж е дека републиканците ќе извршат јавен и приватен притисок врз него“, рече Марфи.

Но, еден од најголемите поддржувачи на Конгресот на Трамп ги поддржува напорите да се доведе во прашање процесот на пребројување на гласовите и донира пари за да се спротивстави со правни процедури. Сенаторот Линдзи Греам ќе донира 500.000 долари на „фондот за правна одбрана“ на претседателот и ги повика луѓето да одат на веб-страницата на кампањата на Трамп за да донираат.

Денвер Риглман, републиканец од Вирџинија му се обрати на Трамп директно на Твитер: „Сметајте го секој глас, но господине претседателе, почитувајте го демократскиот процес што ја прави Америка голема“, рече Риглман.

Во средата Трамп неосновано тврдеше дека извојувал победа и дека се подготвува  „голема измама врз нашата нација“, додека изборните тимови продолжија со броењето на гласачките ливчиња во услови на огромно зголемување на одзивот на гласачите.

Поранешниот гувернер на Њу Џерси, Крис Кристи, сојузник на Трамп, рече дека нема основа за аргументите на Трамп. Кристи го нарече нападот на Трамп врз интегритетот на изборите „лоша стратешка одлука“ и „лоша политичка одлука, која не е вид на одлука што би очекувал да ја донесе некој  кој ја држи позицијата што ја извршува“.

Семејството на Трамп, кое никогаш не било срамежливо да ја изрази својата поддршка, се огласи на Твитер со прашањето – зошто пратениците на Републиканската партија не брзаат да го одбранат претседателот.

„Каде се републиканците! Имајте ‘рбет. Борба против оваа измама. Нашите гласачи никогаш нема да ве заборават ако сте овци!“, објави на Твитер синот на Трамп, Ерик.

Некои гувернери републиканци одговорија. Гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис, го повика претседателот „да се бори и да ги исцрпи сите опции“. Гувернерот на Јужна Дакота, Кристи Ноем, објави на Твитер дека Трамп се бори против „наместените избори“. Сенаторот Роб Портман рече дека државите ги спроведуваат изборите во САД, а не федералната влада.

„Треба да го почитуваме тој процес и да осигуриме дека ќе се избројат сите гласачки ливчиња во согласност со државните закони. Тоа е толку едноставно“, рече Портман во изјавата. „Најдобро е секој да се повлече и да им дозволи на бројачите на гласови да си ја завршат својата работа“, додаде сенаторот Мајк Ли.

Една од главните поплаки на шефот на државата е дека пребројувањето продолжува и по денот на изборите, но е неосновано. Нема претседателски избори во историјата на САД на кои пребројувањето завршило на денот на изборите и нема таков закон или очекувања. Зголеменото гласање по пошта и големиот одѕив на гласачите го забавуваат процесот како и обично, но не во сите случаи.

Ова се другите лажни тврдења:

Трамп: „Во Пенсилванија демократите дозволија државните гласачки ливчиња да се добиваат три дена по изборите и ги бројат и тие без поштенска марка или каква било идентификација“.

Факти: Врховниот суд на државата, а не „демократите“, нареди гласачките ливчиња пратени пред крајот на денот на изборите да се пребројат до три дена по гласањето. Врховниот суд на САД го испита случајот и не се спротивстави на тридневниот распоред, но може да го разгледа ова прашање подоцна. Голем број други држави исто така добија можност да добијат гласачки ливчиња по гласањето.

Трамп: „Демократите во Пенсилванија отидоа во Врховниот суд на САД да се обидат да ги забранат нашите набљудувачи… Тие не сакаат никој таму. Тие не сакаат никој да ги гледа додека ги бројат ливчињата“.

Факти: Ова е лага. Претседателот погрешно го претстави случајот. Никој не ја спречи другата страна да го следи пребројувањето, а демократите не ги спречија републиканците да го следат процесот. Главниот проблем е колку блиску можат да застанат набљудувачите до персоналот што ги обработува гласачките ливчиња. Кампањата на Трамп апелираше до судот да им дозволи на нивните набудувачи да бидат поблиску до вработените отколку што е дозволено. Судот го одобри ова барање.

Трамп: „Нашата кампања не доби пристап да го следи броењето во Детроит“.

Факти: Ова е лага. Гласачките ливчиња беа преброени во зграда во центарот на градот, каде имаше 134 групи за пребројување на гласовите. Секоја партија имаше по еден набљудувач во една од овие групи. Нема извештаи за протерани републикански набљудувачи, но некои, наводно, биле многу агресивни и се обиделе да ги заплашат официјалните лица. Во еден момент, пристапот беше прекинат за некои набљудувачи од двете големи партии поради ограничувања во однос на пандемијата.

Трамп: „Изборниот апарат на Џорџија го водат демократи“.

Факти: Лага. Државните избори ги контролираат републиканците и конкретно државниот секретар Бред Рафенспергер.

Трамп: „Единаесеттиот округ донесе одлука Џорџија да прима гласови до крајот на денот на изборите, дека треба да бидат изгласани до крајот на денот на изборите. И тие не беа. По денот на изборите, доаѓаат гласови”.

Факти: Иако судот пресуди дека гласовите мора да бидат донесени до 19 часот на денот на изборите за да бидат преброени, постои исклучок за гласовите на американските војници во странство. Може да се примаат и бројат до петок до 17 часот. Изборните претставници на Џорџија рекоа дека сѐ уште бројат, но тие гласови се добиени според закон.

Трамп: „Ако ги броите легитимните гласови, јас лесно победив. Ако ги сметате нелегалните гласови, тие можат да се обидат да ви ги украдат изборите“.

Факти: Ова е неосновано. Ниту советниците за кампања на Трамп, ниту изборните службеници не идентификуваа голем број „незаконски“ гласови. Тој честопати вели дека гласањето по пошта е нелегално. Но, ова е направено во согласност со државните правила, во некои случаи донесени од локалните власти, за да им се помогне на гласачите да го остварат своето право на глас за време на епидемијата.

Трамп: „Победуваме на сите клучни места, со многу гласови“. (Тој истовремено се жали дека тајни сили го нарушиле неговото водство во важни држави).

Факти: Промените за кои зборува се објаснети со природата на пребројувањето на гласовите во одделните држави, а не со бран на злоупотреба. Поголемите градови често ги пријавуваат своите податоци побавно, а овие големи градови се наклонети кон демократите. Покрај тоа, државите ги бројат гласачките ливчиња по пошта на крајот од процесот. Тие пак се во корист на Бајден затоа што Трамп им порача на своите приврзаници да избегнуваат гласање по пошта и да гласаат лично. Тоа објаснува зошто Трамп водеше во Пенсилванија, Мичиген, Висконсин и Џорџија, а неговото водство подоцна беше загубено. (Асошиетед прес)