Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата одбележа 60 години постоење


Безбедноста на нашите патишта бележи тренд на подобрување, сепак  и понатаму треба да се продолжи со подигнување на јавната сообраќајна свест, култура и етика на сите ученици во сообраќајот, со посебен акцент на постојана сообраќајна едукација на децата и младите, порача потпретседателот на Собранието Горан Мисовски на вечерашното одбележување 60 години од основањето на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).

Според статистките, посочи Мисовски, причината за сообраќајните несреќи е секогаш невнимание на човекот, а тоа што автомобилската индустрија напредува со невидена брзина, за жал, рече тој, не значи дека прилагодувањето на патната инфраструктура ја следи таа брзина.

-Истовремено тоа не значи дека и ние, луѓето, стануваме побрзи, ниту дека на човечкиот живот му се намалува вредноста. Напротив, животот бил и секогаш ќе биде најскапоценото што го имаме, највредното што треба да го чуваме, истакна потпретседателот на Собранието, кое има надзор над работата на РСБСП.

Мисовски додаде дека годишниот извештај за работата на Советот е основа за интервенција во законските норми кои ја покриваат сферата на безбедноста во сообраќајот.

-Верувам дека заедно може да создадеме поповолни предуслови за заедничко, безбедно учество на сите нас во патниот сообраќај и со тоа да придонесеме да има што помалку последици врз животот на учесниците во сообраќајот, истакна Мисовски.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) е советодавно тело во унапредување на безбедноста на сообраќајот посветувајќи особено внимание на  превентивни активности за безбедност на сите категории учесници во сообраќајот.

Основан е на 15 мај 1962 година, со Уредба на Извршниот совет на Собранието на некогашна Народна Република Македонија – најпрво функционирал во рамки на Државниот секретаријат за внатрешни работи како стручен совет, а подоцна надлежноста над Советот преминала кај Собранието кое ги именува неговиот претседател и членови.

Од 2007 година РСБСП  целосно се осамостоил и стручните, финансиските, административно-техничките работи кои дотогаш ги вршело МВР, почнал да ги завршува самостојно, а биле обезбедени работни простории, сопствени возила и друга потребна опрема за Советот.

За историјатот на РСБСП зборуваше неговата актуелна претседателка Гордана Кожуваровска која рече дека шестдеценискиот јубилеј го одбележуваат со бројни активности меѓу кои и  со објавена монографија.

-Ставен е акцент на формирањето на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, неговата организациска структура, најзначајните активности, кампањи и на издавачката дејност. Монографијата содржи податоци што ги собравме со пребарување на архивите на Советот, од објави во медиумите, како и од разговори со луѓе кои биле ангажирани во неговата работа…Од она што успеавме да го пронајдеме како податок во архивите од изминатите 60 години, неизбежен е заклучокот дека се работи за една широка и континуирана професионална активност, истакна Кожуваровска.

Таа им се заблагодари на сите нејзини претходници – претседатели на РСБСП  за нивниот придонес во градењето на Советот и во унапредувањето на безбедноста на патиштата во државата. По повод јубилејот, РСБСП додели и признанија, меѓу кои и на неколку министри.