Репортери без граници: Влошување на слободата на медиумите во Европа


Иако Европа останува најбезбеден региони за новинарите, изминатата година бележи загрижувачки трендови по убиствата на тројца новинари во Малта, Чешка и Бугарија покажува последниот извештај на Репортери без граници (РСФ) за слободата на медиумите во светот.

– Бројот на земјите кои се сметаат за безбедни продолжува да се намалува, додека авторитарните режими ја зајакнуваат својата моќ врз медиумите, ова е општиот заклучок на Индексот за слободата на медиумите на Репортери без граници во светот во 2019 година.

На врвот на списокот на земјите каде слободата и безбедноста на новинарите е загарантирана и натаму се наоѓаат пред сѐ европски земји и земји членки на ЕУ.

Првите пет се Норвешка, Финска, Шведска, Холандија и Данска, додека пак Бугарија се наоѓа на 111-то место, пониско и од земјите од Западниот Балкан како Северна Македонија, Косово и Босна.

Убиството на Викторија Маринова минатата година, корупцијата и блискоста меѓу политичарите, новинарите и олигарсите во Бугарија се само дел од крупните забелешки на Репортери без граници за оваа земја.

– Заканите кон репортерите се зголемија во последните месеци, до тој степен што новинарството стана опасно денеска во Бугарија, пишува РСФ.

Словачка и Малта, каде исто така во изминативе години се убиени новинари, исто така бележат влошување во состојбата со медиумите.

Во земјите од ЕУ, еден од најдраматичните падови е констатиран во Унгарија, со минус четиринаесет места во однос на претходната година.

Сопствеништвото на медиумите под контрола на лица блиски до премиерот Виктор Орбан продолжува сериозно да загрижува.

– Најважните критички медиуми мораа да затворат, а независноста на другите е загрозена од присуството на провладини олигарси во нивните одбори, стои во извештајот.

РСФ го истакнува како проблематично и создавањето на медиумски конзорциум под палката на про-орбанови сили, во кој членуваат околу петстотини приватни медиуми. Овој конзорциум Орбан го нарече „од стратешка национална важност за јавниот интерес“, со што, вели РСФ, владата практично ги спречува медиумите да се натпреваруваат или да му се спротивстават.

Репортери без граници предупредува дека секаде во светот, вклучително и во Европа, се појавува „механизам на страв“, опасен за слободното новинарство. Сѐ почесто новинарите се мета на омраза од страна на самите политичари, што се толкува во пошироката јавност како дозвола тие да бидат нападнати и предизвикува страв во професијата.

Репортери без граници повикуваат итно да се спречи тој механизам на страв, кој води кон сериозно загрозување на демократските модели. Организацијата истакнува дека во „влошена безбедносна околина“, дури и во најсигурните земји, новинарите се чувствуваат загрозено и сѐ почесто имаат потреба од полициска заштита.

Индексот за слободата на медиумите го објавува РСФ секоја година од 2002 и ја мери состојбата во 180 земји во светот врз основа на прашалници пополнети од експерти и квалитативни анализи.