Репортажа од Грција: За лежалки и чадор – 15 евра


Ако планирате да летувате во Грција ова лето, каде мерките за заштита од корона вирусот се сведени на минимум годинава, подгответе се на пример на граничниот премин „Евзони“ да почекате барем 45 минути.

На македонската граница се поминува лесно и брзо, но колона има пред грчката граница. Колоната не е многу долга, но бавно оди поминувањето.

Имено, Грците го бараат кодот што им е потребен на нашите граѓани за влез во државата, односно обврската секој патник на ден пред влезот, да мора електронски да го пополни т.н локатор за патници. Во него има детални информации за тоа каде бил влезот во земјата, евентуалната претходна посета во други земји и адресата на престој додека сте во Грција. Еден човек може да ги регистрира сите што патуваат. По пополнување на формуларот ќе добиете повратна e-mail порака дека истиот е прифатен, а потоа ќе Ви биде доставен QR код, кој испринтан или во електронска форма (на мобилен телефон) ќе имате за обврска да го покажете при влез во Грција.

На плажите подготвени за овогодишните туристи ќе сретнете луѓе од секаде, но годинава, за разлика од претходно, грчките плажи се преполни со Грци.

– И Грците навалиле на одмор. Како едвај да чекале да одат на плажа. На Лефкада 90 отсто од гостите се Грци, иако има и Срби, Чеси, Романци и туристи од други земји – сведочи репортерот на Независен весник од Лефкада.

Сепак, се чини дека пандемијата од корона вирус, која лани го сопре речиси целиот туризам, ги натера Грците да ги зголемат цените. Така, за комплет чадор и две лежалки на плажата „Катизма“ се плаќа и по 15 евра, а за паркинг пет евра. Во едно кафуле, само салата е 8 евра. Бензинот се точи по цена од 1,63 до 1,67 евра, а патарините во два правца ќе ве чинат 33 евра.

– Вработените во хотелите и келнерите во кафулињата носат маски, додека туристите не носат заштита на лицето. Исто е и во продавниците и маркетите. Ретко кој ќе те опомени да ставиш маска, ако не носиш, а во принцип треба да се носат маски во затворено – јавува нашиот репортер.

Во рестораните во хотел келнерите ги служат гостите со заштитна маска на лицето и со ракавици, а храната ја послужуваат во чинии, една по една.

Патниците мора да се придржуваат кон сите превентивни мерки за заштита, носење заштитни маски и социјално дистанцирање.

Откако на 19 јуни Грција ја отвори границата за нашите граѓани, многумина се одлучија да поминат неколку дена на грчките плажи, а за тоа им е потребен  ПЦР тест не постар од 72 часа, Сертификат за примена вакцина (со 14 дена поминати од втората доза) или доказ дека прележале Ковид-19 во период од 2 до 9 месеци. Влез на наши државјани се дозволува и со негативен брз тест за Ковид-19 не постар од 48 часа.

За деца до 12 годишна возраст останува одлуката дека не е потребно приложување на каков и да е негативен тест за корона.(Н.В.)