Репортажа: Исламабад е град во срцето на Англија


На само 60 километри југозападно од Лондон, главниот град на Англија, се наоѓа помало гратче по име Исламабад. Чудно звучи на прва, дека во срцето на Обединетото Кралство, во еколошка зелена зона, е изграден град кој го носи името на престолнината на Пакистан. Ако возите по автопатот од Лондон кон Тилфорд, ќе ги забележите сообраќајните патокази дека на неколку километри од лева страна е влезот на Исламабад.
Постои неколку години и во него живеат стотици граѓани кои се припадници на муслиманската верска заедница наречена ахмадија. Оваа верска заедница очигледно ужива голема почит кај властите на Обединетото Кралство бидејќи редовно се поддржуваат нејзините активности, кои главно се со хуманитарен карактер. Поголем процент од жителите на англискиот Исламабад се од Пакистан, но тоа не е пишано правило, така што се доселуваат и жители од други националности, но претежно оние што се припадници на ахмадија.
Веќе неколку децении седиштето на оваа верска заедница се наоѓа во Англија, првично во Лондон, а сега веќе во Исламабад. Во годините кога Пакистан се отцепувал од Индија, ахмадите биле протерувани, па нивниот тогашен духовен водач бил приморан да мигрира на Запад, а Велика Британија му овозможила примерен живот. Така, постепено, од Пакистан мигрирале повеќе семејства и поединци припадници на ахмадија, на кои и во денешно време со закон им се забранети повеќе човечки права во родната земја Пакистан.

Зелен град во заштитена зона
Рафик Хајат, национален претседател на ахмадија во Велика Британија, вели дека во англискиот Исламабад сега живеат повеќе од 40 семејства или нешто над 200 граѓани.
– Да се добие дозвола за градење во таква зона, е навистина тешко во Англија, без разлика дали станува збор за родени Англичани, Индијци или припадници на друга националност. Дополнително е што овој дел од Англија е многу конзервативен, но ние како заедница со децении градевме добри односи и со властите и со домашното население. Ние сме лојални кон оваа земја која ни овозможи живот. Поради тоа, локалната самоуправа под која припаѓа овој дел изгласа дозвола да го изградиме градот – вели Хајат.
Во англискиот Исламабад има неколку станбени згради, џамија, центар за рекреација и одржување културни активности, а таму е сместена и резиденцијата на нивниот духовен водач, Харза Мирсат Масрур, кој е петти Калифа од формирањето на заедницата.

Хајат вели дека поради заштитената зона во која се наоѓа градот многу внимавале и инфраструктурата да биде еколошка.
– Покрај зградите во кои живеат нашите граѓаните, изградивме и џамија која е со нетипична архитектура од сите останати џамии, изгледа футуристички, иако во внатрешноста се запазени сите стандарди што ни ги налага верата. Поголем дел од објектите се со зелен покрив, а имаме и триесетина куќи во кои живеат семејства. Тука се и канцелариите на нашата локална самоуправа, како и седиштето на нашиот калиф – раскажува Хајат.

Тој вели дека имаат и објекти што се наменети за гости и се добри домаќини за секој што ќе изрази желба да ги посети или да го разгледа градот.
– Не ги делиме луѓето ниту по национално ниту по верска припадност, нашето мото е „Љубов за сите, омраза за никого“, затоа многу често ни доаѓаат и гости од друга верска припадност, а ние сме должи да ги примиме – вели тој.

Предност за пешаците, автомобилите пред влезот на градот
Пред самиот влез на градот се наоѓа голем паркинг-простор каде што се оставаат автомобилите, а уличките низ градот се наменети само за пешаци. Има и правила на движење, жените одат од левата страна на улицата, а мажите од десната страна. Овие правила ги почитуваат гостите кои од љубопитност доаѓаат да го запознаат овој град.
Месецов ахмадите го одржаа и главниот годишен собир на верници од целиот свет, настан наречен како „Јалса салана“, кој се одржува на отворено во близина на англискиот Исламабад. Таму, според нивните верски практики, обраќање им држи духовниот водач, а во деновите на собирот ги посетуваат и политичари, градоначалници и останати јавни личности од Англија. Такви собири практикуваат и во останатите земји каде што имаат многубројни припадници од нивната вера како Германија, САД, Африка и Канада.


Во Македонија веќе три години постои оваа верска заедница и нивни претставник е имамот Васим. Тој вели дека годинава во Англија се одржа нивниот 53. годишен собир, а го посетиле околу 40 илјади верници.
– Сè што привремено беше изградено за овој собир на отворено треба да биде завршено во рок од 28 дена и ливадата да биде вратена во првична состојба. Тоа ни го налага Англија. Затоа беа ангажирани над пет илјади волонтери кои направија привремени улици, привремени куќарки за верниците и посетителите, како и други содржини – вели имамот Васим. Тој додава дека во земјава имаат околу 200 следбеници, главно од ромска националност.

Англискиот Исламабад има пандан и во Канада
Нешто слично како англискиот Исламабад, ахмадите изградиле и во Канада. Но таму го нарекуваат Село на Мирот и се наоѓа на 60 километри од Торонто.
Претседателот на тоа село и претставник на ахмадија во Канада, Лал Кан Малик, кого го сретнавме во Англија, вели дека таму има околу пет илјади дома.
– Иако повеќето домови во Селото на Мирот се на верници на ахмадија, таму живеат и луѓе од други верски заедници кои се доселени откако ние го изградивме селото. Улиците ги именувавме по истакнати членови на нашата верска заедница, па така имаме Насер-авенија, Мурат-авенија и слично – раскажува Малик.
Според него, нивната заедница е добро прифатена од локалното население и од властите. Тој додава дека мината година, на тамошниот годишен собир „Јалса салана“, присуствувал и премиерот на Канада, Џастин Трудо, кој одржал и говор обраќајќи им се на верниците.

Ивана Настеска