Репортажа: Царската убавина на Санкт Петербург


Русија– Јули е период кога може најмногу да се доживее царската убавина на Санкт Петербург, Русија. Иако е град во кој од многуте палати, цркви, музеи и споменици не останува време за други уживања, тој нуди и возбудливо секојдневје. Ако не се качите на брод и уживате во распространетите канали низ реката Нева, која за нашата перцепција повеќе личи на море, ви останува прошетка низ убавите улици, меѓу илјадниците убави разнобојни раскошни палати, адреналински паузи на популарните улични забави, бидејќи буквално се свири и пее на сите страни, како и гастрономското уживање во рестораните што не можете да ги препорачате никому – бидејќи сите се нарекуваат „ресторан“.

Со цени како во Западна Европа, Санкт Петербург ви го тенчи џебот значајно, но убавината на секој чекор ве тера привремено да заборавите на тоа и да се препуштите на можностите што ги нуди градот. Некој сувенир со Путин или Ленин околу главните туристички места, како Црквата на Христовото воскресение која е заштитен знак на градот, долга прошетка низ главната туристичка и шопинг улица „Невски проспект“ од четири и пол километри, кулирање во Нова Холандија – трендовски кварт со парк и воден канал опколен од трите страни со палати во црвена тула, ручек во ресторанот со „царски“ ентериер и уште поцарски надворешен стил или во некој од рестораните што нудат интернационални јадења… Главната забава, сепак, е на вода, по каналите и под мостовите (вкупно 342), по рестораните покрај бреговите, на некој од мноштвото бродови или со глисерите. Санкт Петербург нуди и добар шопинг, а само во еден од таквите центри се продаваат сите омилени чевли на Кери Бредшо од култната серија „Сексот и градот“, „Маноло Бланик“, „Џејми Чу“, „Кристијан Лубутан“…

 

Руски Ерусалим

 

Иако Санкт Петербург е поранешната престолнина на Петар Велики и на Романови, каде што се наоѓаат гробовите на повеќето од нив и иако има 8.000 архитектонски споменици, магија му даваат повеќето цркви, речиси секоја во различен стил, но сите правени од врвни руски и странски уметници, без да се штеди, со преубави икони и со златни куполи или елементи. Најпозната е Катедралата на Христовото воскресение, инаку попозната како Храм на спасителот на пролеаната крв, поради атентатот на царот Александар Втори на ова место. Со фантастичната композиција на иконите и куполите и со играта со светлина, таа е величествен храм на ортодоксниот христијански стил.

Со купола од чисто злато и 12 ангели, втора најатрактивна црква во градот е Црквата на свети Исак, најголема ортодоксна црква во светот и четврта најголема катедрала воопшто. Тука е и Црквата на свети Петар и Павле во која се наоѓаат гробовите на руските цареви Романови и на Петар Велики, сината црква со петте златни куполи Св. Никола, најнеобичната црвена Чекменска црква на свети Јован… и многу други…