„Реплек“ отвори нов погон, инвестиција вредна три милиони евра, најавени 50 нови вработувања


Во фабриката „Реплек“ денеска беше пуштен во употреба нов производствен погон, инвестиција вредна три милиони евра, што ќе донесе нови 50 вработувања.

Генералниот директор на Реплек Душан Пецовски на отворањето нагласи дека се препознатливи по тоа што одат во чекор со времето, што се модерни, се менуваат, но сепак не бегаат и не се откажуваат од суштинските нивни вредности  и традиции. Во ДНК-то на „Реплек”, било и ќе остане да сме успешни, истакна Пецовски. 

– Токму затоа нашата визија е долгорочен и одржлив развој преку примери токму како овој денеска. Од тоа имаат бенефит потрошувачите, вработените, партнерите, акционерите, но и целокупната поширока заедница. „Реплек“ влегува во нова развојна фаза со инвестиција која значи модернизација, дигитализација, иновативно портфолио, диверзификација на пазарот и секако унапредување на човечкиот кадар. Ова значи поголемо домашно присуство, а секако и ширење на странските пазар и во ЕУ,  во Заедницата на независни држави, Евроазискиот економски сојуз. Новиот погон ќе биде столб и поддршка на сите овие процеси. Инвестицијата вредна три милиони евра значи удвојување на капацитетите за прашоци, удвојување на капацитетите за полуцврсти форми и зголемување за 30 отсто на капацитетите за течни форми, нагласи Пецовски. 

Тој посочи дека нивната цел е „Реплек“ да биде одржлив и одговорен.  

– Оттаму, новата инвестиција значи вложување во човечки ресурси на „Реплек“. Само во оваа 2022 година нашето семејство и тим ќе порасне за 50 нови вработувања. Но, не застануваме тука. Ова ќе продолжи и во иднина. Секако дека има соработка со академскиот, научниот и здравствениот сектор, но сакаме да ја подобриме соработката преку стипендии, практиканство и проекти, рече Пецовски. 

Министерот за здравство Беким Сали нагласи дека фармацевската дејност е еден од суштинските сегменти на здравствениот систем, особено во делот на успешното излекување на пациентите.

-Развојот на на фармацевската индустрија е движечка сила за унапредување на целокупната здравствена заштита водржавата. Токму затоа ме радува фактот што повод за денешниот настан е отворањето на ново производствени капацитети на компанијата „Реплек“, нагласи Сали.

Тој додаде дека новиот производствен погон е чекор напред во зајакнувањето на капацитетите на фармацевската дејност во нашата земја. Истовремено, како што нагласи тој, ова е одлична можност за практична работа за младите кадри кои сакаат да работат во оваа област.

Амбасадор на Република Австрија Георг Вуцас, пак, потнецираше дека пандемијата не потсети сите, особено во Европа, дека фармацевтската индустрија и производството на фармацевтски производи претставуваат дел од критичната инфраструктура во секоја земја.  

– Токму затоа сакам да им честитам на Северна Македонија и на „Реплек“ за овој нов производен погон што преставува значајна инвестиција од три милиони евра во ваквата критична инфраструктура во Северна Македонија, но и во Европа и со овој нов проект се зајакнуваат капацитетите на друштвото за 30 проценти, а во определени области тие дури и се удвојуваат, рече Вуцас.

Амбасадорот наведе дека нашата Влада и Австриската амбасада остануваат подготвени да обезбедуваат поддршка за натамошно продлабочување на економската соработка помеѓу нашите земји, вклучувајќи го и здравствениот сектор што е од суштинско значење за луѓето и за севкупниот развој на Северна Македонија.

– Ми претставува особено задоволство и многу сум благодарен што можам да бидам овде денес на отворањето на овој нов погон бидејќи „Реплек“ е австриско заедничко вложување, повеќе од 50 компании со австриски капитал, меѓу кои и Реплек се присутни во Северна Македонија и нивните инвестиции прават Австрија денеска да биде број два странски инвеститор во земјава, посочи Вуцас.

Тој се осврна на пандемијата со Ковид-19 и порача дека заштитата со вакцини се уште е најдобриот начин да се заштитиме и бориме против болеста, бидејќи покрај големата стапка на смртност и долготрајните ефекти на оваа болест се многу штетни.  

Деканот на Фармацевтскиот факултет во Скопје проф. д-р Зоран Стерјев исто така упати честитки за отоварањето на новиот погон, посочувајќи дека тоа претставува одлична можност за практична работа на студентите.Истакна дека менаџерскиот тим на „Реплек“ е нивен квалитетен партнер за понатамошно унапредување на соработката.