„Реплек АД“ ги зајакнува извозните позиции и освојува нови пазари


„Реплек АД“ ги зајакна своите извозни позиции на пазарите во Европската унија, проширувајќи го портфолиото на производи кои се достапни во овие земји. Компанијата истовремено го продолжи и својот пробив во Африка и Азија, па покрај присуството на повеќе од десет азиски пазари, наскоро ќе биде присутна и на пазарот во Јордан, соопштија од „Реплек“.
Од таму додаваат дека зајакнувањето на извозните позиции е резултат на извозната стратегија, која преку диверзификација на извозот и позиционирање на брендовите цели кон создавање на нова додадена вредност за компанијата. За прв пат е осигурен и извозот на одредени пазари, со што се намалуваат евентуалните ризици, што е од исклучително значење во услови на здравствена и политичка криза.

Компанијата започна и развоен циклус за модернизација, дигитализација и унапредување на деловните процеси, а се планира и проширување на портфолиото, како и модернизирање на нивниот корпоративен визуелен идентитет. Исто така веќе започна со имплементација на иновативни решенија и зголемување на капацитетите. Инвестициите во нови погони се во завршна фаза и до крајот на пролетта ќе бидат ставени во функција.

„Нашата визија е да ги задржиме вредностите на компанијата, но и да направиме нивен спој со нови иновативни решенија кои ќе резултираат со поголема продуктивност и ефикасност во работењето преку дигитализација, нови производи и освојување на нови пазари. Истовремено ќе создадеме подобри услови за нашите вработени, овозможувајќи континуирана едукација и доусовршување. Сите овие процеси ќе придонесат за унапредување на резултатите од нашето работење. Преку инвестициите ќе го подигнеме квалитетот на нашето портфолио и ќе освоиме нови стратешки пазари што ќе ја зголеми вредноста на компанијата. Промените кои храбро ги отпочнавме веќе ги даваат првите позитивни резултати, што е значајно и за нашата компанија, но и за акционерите и за заедницата во целина“, истакна Душан Пецовски, претседател на Управниот одбор на „Реплек АД“.
Стратешка определба на „Реплек АД“ е пазарот на Европската унија, пазарите на земјите од Евро-азискиот економски сојуз (ЕАЕС), пазарите на земјите членки на Асоцијацијата на југоисточните азиски нации (АСЕАН) и други. Покрај пробивот на нови пазари, „Реплек АД“ ќе работи и на подобро позиционирање на своите производи на домашниот и регионалните пазари.
Инаку, „Реплек“ на странските пазари пласира 75 отсто од своето производство и е присутна во повеќе од 25 земји во целиот свет. Најголеми пазари на кои се присутни производите на „Реплек“, покрај оние на земјите од ЕУ, се и пазарите на Русија, Азербејџан, Казахстан, Молдавија, Грузија, Виетнам и други. „Реплек“ вработува околу 500 лица, а компанијата е основач и на „Реплек Фарм“, која од 2011 година го поседува ГМП сертификатот на Европската Унија за добри производни практики во фармацевтската индустрија.