Репатрирани странски терористички борци и членови на нивните семејства, државјани на Македонија
– Против четворицата странски терористички борци, по претходно обезбедени докази од страна на Министерството за внатрешни работи – Бирото за јавна безбедност, и во координација со Агенцијата за национална безбедност, поднесени се соодветни кривични пријави во согласност со националното законодавство. Поради нивна недостапност на органите на прогонот, за нив имаше распишано меѓународни потерници, а во нивно отсуство, определена е мерка притвор, со решение на надлежен суд, соопшти утрово Владата.
Репатрираните жени и деца ќе подлежат на четиринаесетдневен здравствен карантин на доброволна основа и неопходни лекарски прегледи, согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, со цел заштита на јавното здравје.
Сите мерки и активности кои се преземаат од страна на институциите се базираат на обврските од Националниот план и процедурите за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на повратници од странски војски и членови на нивните семејства, усвоени од страна на Владата на Република Северна Македонија, а за чија координација и имплементација е надлежна Канцеларијата на Националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам.
– Република Северна Македонија, како членка на НАТО и Глобалната коалиција за борба против ИСИС, во соработка со нашиот стратешки партнер САД, останува посветена во примената на највисоките стандарди во борбата против насилниот екстремизам и тероризмот, со цел осигурување на безбедност, сигурност, стабилност и просперитет на највисоко ниво за граѓаните на нашата земја и пошироко во регионот, се наведува во владиното соопштение.