Реновирани целосно неупотребливи училници во ООУ „Ѓоргија Пулевски“


Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, денеска изврши увид во реновирањето на училниците во ООУ „Ѓоргија Пулевски“, кои деновиве се целосно обновени.

Училниците, кои 15 години не се во употреба, деновиве Општина Аеродром за прв пат целосно ги реновира од кога е изградено училиштето и наскоро ќе бидат приспособени за настава.

Тие добија нов под, обновени ѕидови, сосема ново осветлување, како и нови прозорци и врати.

„Многу е важно да обезбедуваме подобри услови за учениците и да овозможуваме непречено следење на наставата“, истакна градоначалникот Златко Марин.

Тој посочи дека во изминатите години редовно се реновираат сите основни училишта, а од неодамна почна изградбата на 4 нови училници во ООУ „Лазо Ангеловски“, со што ќе се овозможи укинување на третата смена. Исто така, со предвиденото темпо се одвива и изградбата на новиот објект на училиштето „Димитар Македонски“ во населбата Лисиче.