Реновиран Здравствениот дом „Д-р Хаим Абраванел“ во Битола


Во Здравствениот дом „Д-р Хаим Абраванел“ во Битола се изврши комплетна обнова на внатрешните простории, ходниците, работните простории, педијатриската служба, вакциналните пунктови, превентивната служба, превентивната стоматологија и делот кадешто се чуваат вакцините од редовниот календар.

Министерот за здравство Венко Филипче денеска по посетата на Здравствениот дом во Битола најави и дополнително унапредување на услугите кои овој Здравствен дом им ги нуди на граѓаните. Наскоро, како што рече, преку донација за Здравствениот дом во Битола ќе стигне ново амбулантно возило.

Тој посочи дека во овој Здравствен дом не е направена никаква инвестиција од 50-тите години.

-Оваа установа опфаќа голем број на граѓани – пациенти на кои им пружа здравствена услуга. Целокупниот процес на реновирање ќе се финализира со замена на кровот во периодот што следува и помошта која се очекува да пристигне од делегацијата на ЕУ, со што ќе се обезбеди ново амбулантно возило за потребите на жителите во Битолскиот регион, изјави Филипче, кој оствари средба со директорката на Здравствениот дом, Весна Спиркоска, медицинскиот персонал и градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска.

Во период од 2019 и 2020 година беше реновиран целокупниот Здравствен дом со ходниците, влезот и скалите.

Од Министерството за здравство информираат дека во целост беше реновирана детската превентивна стоматологија и служба за здравствена заштита од 7 до 18 години. Службата за здравствена заштита на деца од 0 до 7 години, а беше набавена и нова опрема од три хематолошки бројачи, стрес тест трака, подоскоп, хелио ламби за стоматологија и два фрижидери за вакцини.

Пред две години, како што посочија од Министерството, целосно беше реновирана службата на Итната медицинска помош, а финализирање на целокупниот процес на обнова ќе се заокружи со замена на кровот на установата.