„Рено“ и „Фијат“ ќе се спојуваат за производство на електрични автомобили


Францускиот производител на автомобили Рено соопшти дека со интересирање ќе ги проучи условите на предложеното спојување со Фијат Крајслер Автомобили (FCA).
„По внимателно разгледување на условите од пријателскиот предлог на FCA, бордот на директори одлучи со заинтересираност да ја проучи можноста за таа деловна комбинација, од аспект на зајакнување на производните основи на групацијата рено и генерирање додадена вредност за алијансата“, се наведува во соопштението на Рено, а пренесува Ројтерс.
FCA порано денеска потврди дека на рено им предложиле спојување за двете компании да остварат повеќе милијарди долари заштеда, бидејќи авто-индустријата забрзано се врти кон развој и производство на електрични и автономни возила.
Здружената компанија би била трет најголем производител на автомобили во светот, при што акционерите на FCA и Рено би имале фифти-фифти сопственички удели во неа.
Во соопштението на FCA наведено е дека заедничката компанија годишно би произведувала 8,7 милиони возила и со понатамошно делење на трошоците за истражување, набавки и други активности двете компании би штеделе пет милијарди евра годишно. Нагласуваат дека со овој договор, не би се затворале погони, а не е спомнато ни намалување на работната сила.