„Рено“ го продаде својот удел во „Автоваз“ за една рубља


Францускиот автомобилски гигант „Рено“ (Renault) го продаде мнозинскиот удел во руската компанија „АвтоВАЗ“ за само една рубља. Рубљата моментално вреди 0,013 евра.

Рускиот институт НАМИ од „Рено“ купи удел од 68 отсто од акциите на рускиот производител на автомобили, најпознат по својата позната „Лада“. Тамошните медиуми јавуваат дека овој институт е ценет во Русија, бидејќи е креатор на првиот руски луксузен автомобил, „Аурус Сенат“, кој моментално го користи претседателот Владимир Путин, пренесува Банкар.ме.

Со оваа продажба, „Рено“ ќе остане без фабрики во Москва, каде што произведуваше некои свои и модели на „Нисан“ (Nissan). Сè уште нема официјални коментари за одлуката на францускиот производител на возила, ниту пак се зборува за финансиските последици од нејзиното повлекување. Од руска страна може да се слушне дека „Рено“ ќе има право да го откупи својот удел во следните пет до шест години доколку се предомисли и реши да продолжи со работа на рускиот пазар.