Ременски стоела зад измамите на Боки 13


Потпретседателката на Собранието и пратеничка, Фросина Ременски стоела зад измамите што ги правел претседателот на Меѓународниот сојуз, Бојан Јовановски- Боки 13 со невладината организација која беше прикажувана како хуманитарна организација. Ременски заедно со Јовановски присуствувала на средбите што ги организирал Боки 13 со фирмите од кои изнудувал пари за тие да стекнат впечаток дека зад понудените проекти за наводна изградба на Центар за стари лица стои извршната власт.

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, еден ден пред да поднесе обвинение за еден дел од истрагата, односно за рекетот од 1,5 милион евра кој наводно бил изнуден од Орце Камчев, ја прошири истрагата и осомничи вкупно уште четири лица за малверзациите кои се правеле со Меѓународниот сојуз.

Заменик претседателот на невладината организиција, Јасна Мандиќ, таткото на Боки 13, Миле Јовановски и асистентка на Јовановски и Ременски се осомничени дека му помагале на Боки 13, а кривична постапка се води и против невладината, како правен субјект.

Досегашната истрага на Обвинителството покажала дека од јули 2017 до април 2018 година Боки 13 измамил две фирми за градежништво, битолската компанија „Пелистер“ на бизнисменот Силјан Мицевски и струшката компанија „Дрим билдинг“. Неформалниот сопственик на 1 ТВ им ветувал на бизнисмените дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на центар за возрасни лица и мобилен сервис, а потоа и субвенционирање од државата. Од Мицевски зел 720 илјади евра кои беа исплатени на една пензионерка, а од струшката фирма биле земени 233 илјади кои легнале на сметката на потпретседателката на Сојузот, Јасна Мандиќ. Луѓето од неговото опкружување му помагале на Боки, изготвувале договори, ги подигнувале парите и ги уплаќале на други фирми по основ на позајмица или донација. Обвинителството бара притвор за Мандиќ, а за другите нови осомничени, меѓу кои и Ременски, се бараат мерки за претпазливост. Поголем дел од осомничените понудиле да се спогодат со Обвинителството.

Ременски конкретно се товари за помагање во измамата, а останатите тројца за помагање во измамата и за перење на пари. Сега Јовановски, освен обвинение за тргување со влијание и за перење пари, се товари и за измама.

Ременски и Кирацоски летово беа повикани како сведоци да дадат исказ во Обвинителството за гонење на организиран криминал. Кирацоски бил на средби на кои претставници на Меѓународниот сојуз се среќавале со градоначалничката на Битола каде се барани локации за старечки домови, но според достапните информации, градоначалничката не наседнала на измамата на Боки. Ременски пак беше и почесен претседател на Меѓународниот сојуз. Сепак од Обвинителеството не соопштуваат на чии сметки завршиле овие пари и се уште не се знае кај е рекетот од 1,5 милиони евра.

Денеска Обвинителството ќе поднесе обвинение против Јовановски, Милевски-Кичеец и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева. Боки 13 завечера беше донесен во Обвинителство да даде исказ, односно своја одбрана за изнудениот рекет, но наместо исказ тој колабираше пред обвинителката Вилма Русковска. Од таму беше изнесен со носилки и однесен во градаската болница „8-ми Септември“. По неколку часа беше пуштен од болница и вратен во затворот во Шутка, а директорот на болницата изјави дека е во добра здравствена состојба.

Апелацискиот суд не го прифати неговото барање да излезе од притвор, а во Шутка е и поранешната обвинителка. Таа одлучи да не даде исказ во Обвинителството, односно да молчи во оваа фаза на постапката. Обвинението ќе биде поднесено без исказ на Јовановски и Јанева. (Ф.Ф.С.)