Ременски по разрешувањето: Мојата битка не почна со функцијата


Фото: Б. Грданоски

Фросина Ременски, по вчерашното разрешувањето од потпретседателското место во СДСМ, се огласи на „Фејсбук“. Таа вели дека нејзината битка за слобода, правда, одговорност и еднаквост не започнала со политичките или партиските функции, ниту пак ќе заврши без нив.

„Битката за овие вредности на секој слободољубив и правдољубив човек започнува со самото негово раѓање, затоа што човек таков се раѓа и таков умира. Предизвикот да се издржи на тој пат, колку и да е тежок и трнлив ја покажува вербата и посветеноста на тие идеи и цели, а не вербата во функциите. Донесените одлуки се донесени, без грам суета, туку одлучно како што личи на луѓе со интегритет и визија за очекувањата. Доаѓа време за испорака на мотото за кое се боревме и во кое верувавме сите ние, дека: ‘Одговорност мора да има’ и ‘Никогаш да не се повтори’. Му благодарам на претседателот и заменикот претседател на СДСМ, Зоран Заев и Радмила Шеќеринска за довербата. Борбата продолжува“, напиша Ременски.