Ременски: Немам личен судир со Спасовски, туку судир на концепти


Фото: Б. Грданоски

-Немам личен судир со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, туку имаме судир на концепти во однос на реформата во безбедносниот сектор, ни изјави потпретседателката на Собранието Фросина Ременски.

Таа и Спасовски се и потпретседатели на СДСМ, а сомневањата за судир меѓу нив се разгореа околу денешната седница на собраниската Комисија за избори и именувања, поради тоа што Ременски е првопотпишана пратеничка на дел од амандманите што ги поднесоа пратеници од владејачката пратеничка група на законот за формирање на новата агенција за безбедност. Дел од тие амандмани се спротивни на амандманите што биле договорени во работните групи меѓу власта и опозицијата, што ги предводеа Спасовски и Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ.

Ременски посочува дека од вкупно 91 амандман плус пет за законот за координација на разузнавачката заедница 36 се од пратеници од СДСМ, а 15 од независната пратеничка група, додека другите се од различни политички партии.

-Во почетокот дебатата за потребата од темелни реформи во УБК, како извор и креатор на критичните политички случувања во земјава, беше табу тема. Јас како потпретседателка на СДСМ и како познавач на состојбите во оваа област бев вклучена во подготовката на делот на изборната програма на партијата кој се однесува на полицијата и на безбедносниот сектор.  Притоа секогаш сум се водела од професионалноста и потребата од темелни реформи, а не од лични ставови и интереси. Обидот на одредени медиуми да фрлат сомнеж врз стручната дебата и да ја претстават како личен судир со министерот за внатрешни работи  е сервиран од структури кои сакаат да создададт привид на реформи. Вклучувањето на името на мојот сопруг во тој контекст е обид за дефокусирање од фактите и аргументите за сериозни пропусти во текстот на законот, вели Ременски.

Таа објаснува дека нејзиниот сопруг е 26 години припадник на МВР и, како што вели, во никој случај не е предмет на какви било калкулации. Законот што треба да го донесе Собранието, вели, ќе важи за сите вработени, вклучително и за нејзинот сопруг.

-Дефокусирањето од стручната дебата е од луѓе кои  имаат причина да се плашат . Јас останувам на ставот дека законот треба квалитативно да се подобри. Треба да се уредат прецизно законските основи за селекциај на вработените во новата агенција и да се реализира обврската за ветинг во безбедносниот сектор согласно со стандардите на НАТО, бидејќи без тоа не може да се спроведе вистинска реформа, нагласува Ременски.  (А.М.М.)