Ременски на распит во Обвинителство за „Рекет“

Фото: Б. Грданоски
По водителката Лила Филиповска, бизнисмените Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски, денеска во Обвинителството за организиран криминал и корупција исказ треба да даде и пратеничка на СДСМ, Фросина Ременски во врска со случајот „Рекет“.

По обелоденувањето на аферата „Рекет“, Ременски се споменуваше како почесна претседателка на Меѓународен сојуз на Бојан Јовановски – Боки 13.

Мицевски пред Обвинителството изјави дека пари префрлил на сметката на Меѓународниот сојуз, а не на сметка на пензионерката Лилјана Тодоровска. Станува збор за 720 илјади евра кои, како што рече, ќе бара да му бидат вратени.

Водителката Лила Филиповска на излегување од Обвинителството не сакаше да даде изјава за медиумите. На новинарските екипи им испрати бакнеж со зборовите „чао друштво“.

Амзоски на сметката на Меѓународниот сојуз на Боки 13 уплатил околу 260.000 евра за стратешко партнерство и деловна соработка.

Во врска со „Рекет“ осомничени и во притвор се Бојан Јовановски – Боки 13, Зоран Милевски – Кичеец и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.