Ременски: Барам извинување, во спротивно ќе се приклучам на тужбата


Фото: Б. Грданоски

Пратеничката на СДСМ Фросина Ременски се огласи по повод текстовите на порталите „Република“ и „Инфомакс“, во кои се наведува нејзина наводна инволвираност во случајот „Рекет“.

– Ничие право не смее да загрози право на друг. Тоа се границите на сите слободи и права на граѓаните. Медиумите како придобивка на демократијата имаат и право и обврска да известуваат за сите прашања од јавен интерес и за случаи на криминал и корупција, почитувајќи ги начелата на новинарската етика кои вклучуваат објективно известување, проверка на веродостојноста на информациите и забрана за злоупотреба на средствата за јавно информирање за лажно обвинување за корупција.

На „Инфомакс“ на 23.08 беше објавен документ (записник) од исказ на лице за кривично-правен настан кој е предмет на актуелнa истрага во ОЈО за организиран криминал и корупција. Селективното презентирање на содржината од објавениот записник со манипулирање и насочување кон заклучоци и новинарски интерпретации за некаква моја вмешаност и вмешаност на мојот сопруг во случајот Рекет, ги ценам како груби клевети и невистини. Овој текст продуцираше написи и наслови во други портали со иста содржина.

Обвинителството ги има на располагање сите права и обврски да ја утврди точноста на сите дејствија за сите спомнати во записникот. Медиумскиот суд не може да биде замена за институционално постапување.

Со оглед на фактот дека, лицитирањето со вината и манипулирањето со ширење на дезинформации и клевети за мене и за мојот сопруг ги сметам за напад врз мојата чест и углед, што повлекува и чувство за загрозување на мојата безбедност, ќе ги преземам сите законски дозволени средства за заштита.

Барам новинарот кој е автор на текстот во порталот Инфомакс и порталот Република кој објави клеветнички наслов да го повлечат веднаш и да се извинат во спротивно се приклучуваме кон заедничката тужба за клевета од премиерот Зоран Заев и други.

Еден од важните начела на правната држава е трагањето по вистината и одбрана на вистината, преку демократски правни средства по институционален пат, напиша во реакцијата на Фејсбук пратеничката на СДСМ Ременски.