Поранешната министерка Фросина Ременски објави дека поднесува кандидатура за претседател на СДСМ.Тоа е првата кандидатура за лидерската позиција на СДСМ, откако минатиот петок Централниот одбор на партијата ги распиша непосредните избори, по констатирањето на оставката на Заев.

-Ги предадов сите документи за самокандидирање за претседател на СДСМ. Очекувам во следниот период, согласно роковникот, да се утврдат кандидатите, со што би почнале активностите за претставување на кандидатите пред членовите, активистите и симпатизерите на СДСМ, изјави Ременски пред партиското седиште.

Вели дека одлуката ја донела врз основа на нејзиниот целокупен општествено-политички и партиски активизам.

 Ременски беше осомничена, па обвинета за случајот „Меѓународен сојуз“, за што се уште се води судскиот процес. Таа не е дел од новото раководство на СДСМ, кое беше избрано на годинешниов конгрес и не е пратеничка во актуелниот состав на парламентот.

Во претходниот собраниски состав, како пратеничка на СДСМ, таа беше потпретседателка на парламентот, а пред парламентарните избори во 2016 година беше министерка за труд и социјална политика во првата преодна влада, што се формираше согласно со Договорот од Пржино.Поради инволвираноста во скандалот остана без сите функции во партијата и во државата.

Денеска и Димитар Ковачевски најави дека официјално ќе ја поднесе кандидатурата за претседател на СДСМ во партиското седиште.Партијата ги повика сите заинтересирани да се самокандидираат, а постапката започна на 27 ноември и ќе трае седум дена.