Рекордно ниво на јаглерод диоксид во земјината атмосфера

САД – Концентрацијата на јаглерод диоксид во атмосферата на Земјата достигна рекордно ниво, соопшти Институтот за океанографија „Скрипс“, врз основа на податоците измерени од Опсерваторијата „Мауна Лоа“ на Хаваите.

Како што јави ДПА, Институтот, чие седиште е во американскиот град Сан Диего, информира дека концентрацијата на јаглерод диоксид во атмосферата во текот на викендов достигнала 415,26 делови на милион (ппм), што претставува досега прво дневно измерено ниво повисоко од 415 ппм.

Податоците се евидентираат како дел од напорите за следење на нивото на гасови што го предизвикуваат ефектот на стаклена градина ослободени во атмосферата.

Најновите податоци доаѓаат по извештаите на научниците дека емисиите на јаглерод диоксид минатата година се зголемиле за 1,7 проценти, достигнувајќи нов рекорд, како резултат на растот на глобалната потрошувачка на енергија.

Инаку, растот на концентрацијата на јаглерод диоксид во атмосферата над Северната хемисфера на Земјата е вообичаен за овој период од годината.

loading...