Рекордно 76. АТП полуфинале за Надал


Шпанецот Рафаел Надал се пласираше во полуфиналето на АТП турнирот од серијата „Мастерс 1000“ во Индијан Велс, откако денеска го совлада Австралиецот Ник Кириос со 2-1 во сетови (7-6, 5-7, 6-4).

Надал со тоа се избори за рекордно 76 полуфинале на „Мастерс 1000“ во кариерата, најмногу од сите други тенисери.

Шпанецот воедно ја продолжи и импресивната серија во 2022 година, забележувајќи ја 19. победа по ред во новата сезона.

Надал во полуфиналето ќе игра против сонародникот Карлос Алкараз, кој го совлада Британецот Камерон Нори со 6-4,6-3.

Младиот 18-годишен Шпанец со тоа стана втор најмлад полуфиналист во Индијан Велс по Андре Агаси, кој имаше 17 години кога во 1988 година влезе во полуфиналето.