Рекордни температури во Кина, измерени 52,2 степени


Рекордно висока температура од 52,2  степени Целзиусови е забележана во неделата во градот Санбао во Ксинџијанг во северозападна Кина, објавија денеска кинеските медиуми.

Според извештаите, се очекува рекордната жештина да трае уште најмалку пет дена.

Претходниот рекорд од 50,3 Целзиусови степени беше измерен во 2015 година во близина на Идинг во Ксинџијанг, пренесува „Ројтерс“.

Земјите во Азија беа погодени од неколку рекордни топлотни бранови од април.

Во Кина рекордно високите температури предизвикаа проблеми со снабдувањето со електрична енергија, како и со земјоделските култури, а постои загриженост дека минатогодишната суша, најлошата во последните 60 години, ќе се повтори.

Во Кина на 22 јануари температурите во Мохе, град на североистокот, паднаа на минус 53 Целзиусови степени, што е рекорд во земјата за најниска температура.

Соединетите Американски Држави и Кина оваа недела во Пекинг водат разговори со нивниот претставник за климата за борбата против глобалното затоплување.