Рекордни бројки новозаболени од Ковид-19 во Токио, Индија и Мексико


Во последното деноноќие Токио, Индија и Мексико изброија рекордни бројки новозаболени од корона вирус.

Во последните 24 часа во Мексико се регистрирани 7.280 нови случаи на корона вирусот, што е нов рекорд по бројот на пациенти за еден ден, соопшти денеска Министерството за здравство на земјата.

За еден ден е регистриран и рекорден број на смртни случаи – 730, со што вкупниот број на починати достигна 33.526.

Претходниот рекорд по бројот на пациенти за еден ден беше постигнат во средата, кога 6.995 лица беа тестирани позитивни на корона вирусот.

Од почетокот на епидемијата во Мексико се заразиле вкупно 282.243 луѓе.

Во Индија денеска се регистрирани рекордни 26.506 нови случаи на корона вирус, со што вкупниот број на заразени лица во земјата достигна речиси 800.000.

Од почетокот на епидемијата починале повеќе од 21.000 луѓе, соопшти Министерството за здравство.

Околу 60 проценти од сите случаи се регистрирани во Њу Делхи и државата Махараштра, каде се наоѓа финансискиот центар Мумбај, како и во државата Тамил Наду.

На почетокот на епидемијата во март, Индија воведе строги рестриктивни мерки, кои беа олеснети на почетокот на јули.

Сепак, властите повторно воведуваат локален карантин на некои места.

Во најмногубројната држава Утар Прадеш полицискиот час ќе биде во сила од петок до понеделник, бидејќи има повеќе од 32.000 заразени лица.

Во Токио во последните 24 часа се регистрирани 244 нови случаи на корона вирус, што е нов дневен рекорд во јапонскиот главен град, соопштија локалните власти.

Повеќето од новозаразените во Токио се на возраст меѓу 22 и 40 години, а се работи за млади луѓе кои неодамна посетиле ноќни клубови.

Вкупниот број на заразени со коронавирусот во Јапонија надмина 21.000, а околу 1.000 луѓе починале.