Рекордни 47.000 позитивни на Ковид-19 во САД за едно деноноќие

САД одбележаа неславен рекорд со нови 47.000 случаи на Ковид-19, најголемо зголемување на ново заразени во еден ден од почетокот на пандемијата, јавија американските медиуми.

Најмногу нови случаи има во Аризона, Тексас и Калифорнија, иако има драстичен скок во Флорида, Џорџија и Јужна Каролина.

Растечкиот број на позитивни случаи на коронавирусот ширум САД го принуди доктор Ентони Фаучи, шеф на Националниот Институт за алергии и инфективни заболувања, пред сенатската комисија да предупреди дека актуелната стапка на нови инфекции може да се удвои на 100.000 дневно, ако не запре моменталниот тренд.

-Очигледно, засега сме надвор од контрола, рече д-р Фаучи. Предупреди дека фокусот врз сојузните држави коишто минуваат низ најголем скок од нови случаи ја става „под ризик целата држава“.

Во време кога доктор Фаучи сведочеше на Капитол Хил, на гувернерите од Њујорк, Њу Џерси и Конектикат им се придружија уште осум сојузни држави – Калифорнија, Џорџија, Ајдахо, Ајова, Луизијана, Мисисипи, Невада и Тенеси на претходната листа, чии посетители мора да бидат ставени во задолжителен 14-дневен карантин.

САД водат во светот со 2.6 милиони нови случаи, вклучувајќи и 127.000 жртви. Засега, САД се исклучени од листата на земји чии државјани може да влезат во ЕУ.

Многу сојузни држави започнаа да ги враќаат рестриктивните мерки.