Рекордни 364 новозаболени, болниците преполни со пациенти со Ковид-19

Фото: Б. Грданоски

Во текот на последните 24 часа регистрирани се 364 случаи на Ковид-19, информираше министерот за здравство, Венко Филипче, додавајќи дека во моментов има и најголем број пациенти во болница, од јуни  наваму.

Починати се 3 лица: од Охрид (73), Гостивар (62) и Радовиш (72).

Институтот за јавно здравје регистрира 106 оздравени пациенти.

„Есента дојде, состојбата е сериозна, Европа и светот постепено се затвораат со силни рестриктивни мерки. Како ние ќе се движиме зависи од една работа, однесувањето на граѓаните и почитување на мерките и препораките“, рече Филипче, посочувајќи дека здравствениот систем е подготвен.

„На сите инфективни одделенија во моментот се наоѓаат 414 пациенти со Ковид-19, што е највисок број досега хоспитализирани пациенти“, оцени министерот на прес-конференција.

На Инфективната клиника има 86 пациенти, во „8 Септември“ 40, во болницата во Козле има три хоспитализирани деца и две суспектни. Во сите болници во земјава каде се лекуваат пациенти со Ковид-19, има многу пациенти и тие секојдневно се зголемуваат.

Филипче рече дека може да се користат капацитетите на болницата во Кочани. Потоа, целосно е подготвено одделението во Кавадарци со 14 кревети.

Значаен број од обичните одделнија може да се преадаптираат за третман на пациенти со ковид во Тетово, рече Филипче.

Според податоците на Министерството за здравство во последните 24 часа се направени 2.140 тестирања, а регистрирани се 364 нови случаи, што е 17 проценти.