Рекорден профит на нафтените компании, само петте најголеми заработија 200 милијарди долари

Петте најголеми корпорации „Ексон“, „Шеврон“, „Шел“, БП и ТЕ минатата година заработија повеќе од 200 милијарди долари


 

Додека 2022 година предизвика тешкотии за многу луѓе ширум светот поради зголемената инфлација, војната во Украина и климатските катастрофи, за најголемите западни нафтени и гасни компании тоа беше година на невиден бум и рекорден раст на профитот.

Само петте најважни корпорации од индустријата за фосилни горива имаат заработено повеќе од 200 милијарди долари.

Во парадата на годишните резултати објавени изминатата недела, големата петорка – „Ексон“, „Шеврон“, „Шел“, „Бритиш петролеум“ и „Тотал енерџи“ – сите открија дека минатата година била најпрофитабилната во нивната деловна историја, бидејќи ги зголемените трошоците за нафта и гас, поттикнати делумно со нападот на Русија врз Украина, придонесоа нивните приходи да добијат „турбо полнење“, пренесува „Политика“.

„Ексон“, нафтениот гигант од Тексас, води со рекордни 55,7 милијарди долари годишен профит. Оваа американска компанија во текот на минатата година заработувала по околу 6,3 милиони долари секој час.

Калифорнискиот „Шеврон“ имаше рекорден профит од 36,5 милијарди долари, додека „Шел“ ги забележа најдобрите резултати во својата 115-годишна историја, суфицит од 39,9 милијарди долари.

„Бритиш Петролеум со седиште во Лондон оствари добивка од 27,7 милијарди долари.

Рекорд имаше и француската компанија „Тотал енерџис“, со 36,2 милијарди долари, пишува „Гардијан“.

Кога ќе се спојат резултатите од 2022 година за сите јавно тргувани нафтени и гасни компании, се очекува вкупниот профит да надмине 400 милијарди долари.

„Тоа е бројка што никогаш претходно не сме ја виделе, а е изградена врз грбот на работничките семејства кои биле жртви на алчноста на директорите на нафта и гас“, рече Клер Мозер, заменик извршен директор на американската група за застапување на климатските промени.